Неодамна во просторот на Националната галерија Чифте Амам во Скопје се одржа јубилејната ретроспективна изложба на македонскиот скулптор и сликар Ангел Димовски-Чауш (роден во Крнино, Велес 1952). Претставените од околу 180 скулптури, објекти и цртежи работени во различни техники, освен што го одбележуваат неговото 50 годишно ликовно творештво, впрочем претставуваат мост кон еманципирањето и влегувањето на македонската скулптура во современите ликовни струења. Преопзнатлив во својот стил кој се темели на фигуративното и антропоморфното ликовно проседе, во оваа нова фаза прави чекор кон ослободувањето на својата скултпура од непотребниот баласт.
Експериментирајќи во повеќе медиуми овој уметник примарно место и дава на скулптурата обликувајќи ја во различен материјал кој е со трајна вредност: бронзата, алуминиумот, дрвото и мермерот. Всушност, ова е еден светоглед кој претставува дополнение на неговото поранешно дело каде што поаѓа кон нијансирање и диференцирање на премин од фигуративната кон нешто осовременета визија која се трансформира повеќе во тн нефигуративно-асоцијативна фаза со елементи на антропоморфното во изразот. Во таа насока, додава нови елементи во креирањето на новата идејна целина каде прави еден еклектицизам, поаѓајќи од архаичното и примитивното, па се до модерната авангарда и поп-рок културата. Потврдувајќи се себеси како немирен дух кон постојано истражува, во скулптурите изработени во дрво контурите се прочистени до степен да добијат место, воопштеност во природниот амбиент. Во овие творби кои се во рамнотежа со целта, Ангел Димовски Чауш ја наоѓа својата инспирација во македонските историски мотиви (Големата мајка Божица, Блаже Конески, сакралните теми од богатиот македонски фреско-живопис и сл.), со чија помош ги изразува неговите метафизички, психолошки и тактилни преокупации во својата скулптура, како и состојбите на духот, националните теми, интимните, анималните и секако стилизираната излеана женска фигура.
Ликовно-мисловната преокупација на Чауш се заснова на симбол и оптичка игра, особено во дел од творбите кои излегуваат од рамката се добиваат оптички ефекти при посматрање на делото од разни страни, што придонесува за живиот впечаток и тенденцијата кон издигање на формата на повисок степен, до сферите на симболичното. Оваа формална конфигурација во некои од изложените скулптури асоцира на некаков модерен тотемизам, но повеќето стремежи засега може да се сфатат како експеримент од кој подоцна ќе произлезе нешто ново. Идејата во основа е да создаде модерно дело, кое во себе се обидува да ги содржи праисконските импулси на творењето, како и да го задржи магичниот и тотемски призвук кој во разни фази од неговото творештво некогаш е помалку или повеќе изразен, но секогаш е присутно.
Ангел Димовски Чауш разновидноста, слободата и изразувањето на замислите на свој индивидуален начин може неогвата долгогодишна творечча работа на релација Франција-Македонија да ја направи поверна и поубедлива. Впрочем, неогвата скулптура е отворена, таа со својата монументалност и епичност ја претставува неимарската борба што е општа, народна. Таа потенцијална енергија која произлегува од робустните, релјефни и избраздени рустикални форми се израз на една внатрешна експресија и импулс што води кон истражување на нови хоризонти, кон универзалното, бесконечното и космичкото себеосознавање.
Автор: Марија Стојческа