Вкупно 32 отсто од децата на седумгодишна возраст во Северна Македонија се со зголемена телесна тежина, а 15 проценти се дебели, покажуваат најновиот Извештај на СЗО/Европа за следење на дебелината кај децата (ЦОСИ).

Според Извештајот, зголемената телесна тежина заедно со дебелината е еднакво дистрибуирана и кај машките и кај женските деца, но има разлика од пет отсто меѓу машките и женските кога е во прашање само дебелината (17,5 спрема 12,2 процента).

Во споредба со претходниот круг на собирање податоци во 2016 година, има зголемување на зголемената телесна тежина и дебелина кај девојчињата за скоро два отсто, додека кај машките стагнира.

Кога станува збор за исхраната и физичката активност, податоците од извештајот покажуваат дека 77 отсто од децата на 7-годишна возраст во Македонија појадуваат секој ден. Речиси сите (87 отсто) деца се физички активни најмалку еден час надвор од училиште, а 66 проценти активно одат во училиште (не се пренесени со моторно возило до училиштето). Од друга страна пак, извештајот покажува дека 57 отсто од децата воопшто не посетуваат спорт или танцување, а 38 проценти консумираат безалкохолни пијалаци со додаден шеќер (второ највисоко ниво во Европа) – се наведува во извештајот.

Дебелината кај децата од европскиот регион на СЗО и понатаму е на високо ниво.