Постои начин да откриете дали сте добро друштво за другите без при тоа да чекате некој експлицитно да ви го одговори тоа прашање. Дури и во случај некој да ви изјави дека сте добро друштво тоа може да биде само социјално пожелен одговор.
Направете проценка и дознајте дали сте добро друштво за другите:
- Кога се наоѓате во друштво, голем број на луѓе сака да разговара со вас
Ако се наоѓате во поголемо друштво (над 5 лица) постои можност да се создадат внатрешни дијади и тријади во комуникација и меѓусебно да се избегнуваат или да потиснуваат некои поединци.
Но доколку сите од друштвото во кое се наоѓате ви се обраќаат и сакаат да комуницираат со вас, тоа е доволен доказ дека вашата енергија им прави на луѓето пријатни чувства.
- Лесно се спријателувате
Ако се наоѓате во нова средина каде што не познавате скоро никој, колку полесно се прилагодувате на новите ситуации, толку попривлечно друштво сте.
Лесно е да се комуницира само со луѓето што ги знаете, но потребно е да го ширите вашиот круг на познанства, да учите од луѓето, да споделувате енергија и на крајот од краевите да направите добро дело со гест што некому ќе му го разубави животот.
- Луѓето постојано ве бараат на „ре пе те“ средби
Ако луѓето сакаат да се во ваше присуство повторно тоа значи дека сте им пријатно друштво.
Сигурно ви се случило некои луѓе да ги видите само еднаш во животот и никогаш повеќе, токму поради нивниот однос кон другите. Ако не сте меѓу таквите, тогаш вашите пријатели сигурно ве обожаваат!
- Имате лојални пријатели
Современиот начин на живот ве носи во многу правци, а на секој правец среќавате различен круг на луѓе со кои се спријателувате.
Најголем показател за вашата „лична карта на пријателството“ се оние луѓе кои ви се пријатели со години, децении или кои не можете да се сетите колку време ги познавате.
Штом останале во вашиот живот, сигурно ги ценат вашите карактеристики на пријател.
- Животот на вашите поранешни пријатели не им е поубав без вас
Ако ви се раскрстиле патиштата со вашите поранешни пријатели, но тие ви признаваат дека им недостасува времето поминато со вас во минатото и се носталгични по тој период кога сте биле постојано во нивно друштво – тогаш сте иконата на пријател.
Тоа што многу луѓе не се задржале во вашите животи нема врска со непријателства или тензии во вашиот однос, едноставно животот е таков, секого од нас го носи на различни патишта и скоро е невозможно да бидете опкружени со истиот, мал круг на луѓе целиот живот.
Автор: Магдалена Стојмановиќ за „Мој збор“