Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејсус, побара нова истрага од специјализирани експерти во врска со наводното протекло на коронавирусот од лабораторија во Кина и предупреди дека меѓународните експерти немале непречен пристап до податоците.

Иако експертите кои го истражуваа потеклото на вирусот во јануари и февруари во Кина, ја наведоа хипотезата дека вирусот потекнува од лабораторија како најмалку веројатна, „потребно е дополнително истражување, во нови мисии, со специјализирани експерти, кои сум подготвен да ги распоредам“, посочи челникот на СЗО на брифинг со земјите членки, во врска со извештајот кој беше официјално објавен.

Претпоставката дека вирусот кој ја предизвика пандемијата од Ковид-19 потекнува од лабораторијата беше силно поддржана од американската администрација под претседателство на Доналд Трамп, за која тврдеа дека се заснова на информации од нивните разузнавачки служби.

Кина од почеткот категорично ја отфрла ваквата можност.

Шефот на СЗО исто така нагласи дека меѓународните експерти посочиле оти имале потешкотии во пристапот до податоците за време на престојот во Кина.

Се надевам дека новите заеднички истраги ќе се базираат на поширока и побрза дистрибуција на податоци – додаде Гебрејсус.

Во меѓувреме, САД и уште 13 други земји изразија загриженост дека извештајот на Светската здравствена организација за потеклото на Ковид-19 доцни и дека не е заснован на целосни податоци.

Подеднакво е важно да ја изразиме нашата заедничка загриженост дека меѓународната експертска студија за изворот на вирусот САРС-Ков-2 значително доцнеше и дека не е заснована врз целосни, оригинални податоци и примероци – се вели во заедничкото соопштение, кое го пренесе агенцијата „Ројтерс“.