Сите треба да бидеме подготвени на сè во животот, бидејќи не знаеме какви изненадувања нè очекуваат.

Освен што треба да научиме да се радуваме на успехот и да уживаме во среќните моменти, треба да знаеме и како да се носиме со ситуации во коишто губиме.

Загубата сама по себе е непријатна, па потребна е силна психолошка поддршка за да се истурка борбата до самиот крај.

Истото се случува доколку на работа добиете отказ. Тоа е болно искуство, бидејќи со самото тоа останувате без работа, без финансиската поддршка што ја добивате секој месец.

Тогаш имате чувство дека се враќате на почеток. Без оглед на околностите под кои сте останале без работа, експертите советуваат дека не треба времето да го поминете во жалење, туку веднаш да ја започнете потрагата по нова работа.

Ако една врата се затвора, тоа е можност да се отвори друга

Ова мото нека ве води, ако зад себе оставате работна средина во којашто сте биле продуктивни, сте имале одлична комуникација со колегите и сте научиле многу за дејноста во којашто сте работеле.

Ако вашата фирма доживеала финансиски неуспех, подобро е порано да си заминете, одошто да “заглавите“ и да си направите дополнителни проблеми.

Затоа, не очајувајте бидејќи тоа може да биде прилика за пронаоѓање нова работа, вклопување во попријатна работна средина, како и можност да научите нешто ново и да запознаете сосема поинакви колеги, пријатели и соработници.

Време е за лична консолидација

Времето по добиениот отказ може да го третирате како момент за консолидирање на постигнатите резултатите, стекнатото искуство, ретроспектива за сработеното…

Убаво е да “фрлите“ поглед наназад и да видите што сте успеале да постигнете во изминатите години.

Можеби отказот доаѓа во вистинско време, кога треба да направите пресек на работите и да продолжите по нов пат.

Споделувајте, не молчете

Без оглед на тоа какви сте како личност, бидете отворени во комуникацијата со блиските.

Тие ќе ве сослушаат и ќе ве поддржат, знаејќи колку ви е тешко што си заминувате од работата. Во тие неформални разговори, може да произлезе некоја добра идеја или да се сетите на некој контакт којшто би можел да ви ја отвори вратата за нови деловни успеси.

За проблемите, велат, се зборува, бидејќи не знаете каде е решението.

Може токму некој ваш познаник, колега, соработник или близок има потреба од вработен како вас или слушнал дека во некоја добра компанија нудат вработување.

Не заборавајте – здравјето е најважно

Не дозволувајте отказот да влијае на вашето здравје. Имајте ја ум реченицата дека не е крајот на светот и дека секогаш лошото е за некое добро што нè чека зад аголот.

Затоа, не очајувајте и не се сожалувајте. Бидете сигурни дека вашите квалитети, знаење и искуство ќе бидат ценети на друго место.

Затоа, почнете ја храбро потрагата по нова работа или почнете да размислувате за сопствен бизнис.