Државната комисија за спречување корупција е овластено тело кое ја следи работата на избраните и именуваните функционери во Македонија. Податоците за имотната состојба и недвижнини се јавни и тие се достапни електронски на официјалната web страна на ДКСК. 

Но, со обичен преглед на имотната состојба и друг тип на недвижнини на носителите на јавни функции, може да се забележат некомплетни и нецелосни информации, или податоци кои значително отскокнуваат од фактичката состојба.

Секој избран и именуван функционер, законски е задолжен да поднесува анкетен лист до Државната комисија за спречување на корупција во кој ќе наведе со кој тип на имот располага и начинот на кој имотот е стекнат.

Во одделни и ретки случаи може да се добијат и информации за заедничкиот имот кој избраниот и именуваниот функционер го има со родителите или со брачниот другар.

Она што нема обврска да го пријавува избраниот и именуваниот функционер е имот на поширокото семејство. За трендот на „новопечени милионери од братучеди на функционерите“ често се говори во јавноста. Тој дел, е сива зона преку која на функционерите им е оставена можност имотот да не го регистрираат на свое име и да ја избегнат обврската да докажуваат како имотот го стекнале.

Уште поголем проблем во функционирањето на Државната комисија за спречување корупција е тоа што таа не ја следи имотната состојба на поранешни функционери. Па така доколку сакате да се запознаете со имотната состојба на пример на Елизабета Камчевска Милевска, која јавноста по сопствена асоцијација ја нарече „Бети милионче“ нема да можете да направите увид во што поранешната функционерка ги вложува парите, кои можеби ги стекнала за време на вршење на својата функција.

Во отсуство на законски и технички можности ДКСК да врши увид во имотот на новопечени милионери од поширокото семејство на носителот на јавна функција и да ја следи имотната состојба на функционерите по престанувањето на нивната јавна функција, а со оглед на големото учество на јавен интерес во овие теми често се вклучуваат новинарите.

  • Процент и за „портирот“

Јавна тајна е дека јавните тендери се игри во која сите победуваат и секој добива дел од колачот, освен граѓаните што на крајот на туѓата гозба ја плаќаат сметката.

Списокот на луѓе кои добиваат процент од завршена работа на јавни тендери е голем и за секого има по дел, дури и за оној што им ја отворал вратата на другите додека договарале.

  • Како новинарите помагаат во спречувањето на корупција?

Истражувачкото новинарство често доаѓа до докази за злоупотреба на функција и сомнеж за корупција, но тој процес е долг и несекогаш успешен. Новинарот располага само со ресурсите кои нему му се достапни, а тоа обично се информации кои се од јавен карактер и кои се достапни за сите. Новинарот нема овластувања да објавува податоци кои се од доверлива природа или државна тајна дури и во моментот кога во нив учествува голем јавен интерес.

Новинарите кои, сепак, објавуваат информации кои не се од јавен карактер ја ризикуваат во најмала рака својата репутација, а не е мал број на примери на новинари кои завршиле зад решетки поради објавување на информации кои не се од јавен карактер.

Најпознат пример од светски ранг е Асанж. Иако неговото дејствување е симбол на слобода на говор и борба за правда, зад таа симболика која има идејна страна, Асанж е човек кој има потреби, социјални односи и права како човечко суштество.

Новинарот дејствувајќи поединечно во својата борба за правда и јавен интерес ја ризикува пред се удобноста на луѓето околку него, кои воопшто не направиле избор да бидат дел од таа приказна, потем и слободата, а понекогаш и својот живот. Поединечното дејствување на новинарот е исклучително важно во мотивирачка смисла. Новинарот кој е симбол во борба за правда и вистина е пример кој треба да се следи. Но неговото поединечно дејствување не носи значајни системски промени.

За поголеми промени е потребно системот да функционра според прописи.

  • Убиство на новинари

Списокот на новинари кои ја изгубиле својата слобода поради својата професија е голем, но загрижувачка е и должината на списокот на новинари кои го изгубиле својот живот бранејќи го јавниот интерес.

На почетокот на 2022 година во Мексико е убиена новинарка Лурд Малдонадо, само 7 дена по убиството на фотографот и медиумскиот работник Маргарито Мартинез. Во периодот од 2000-2021 година во Мексико се регистрирани 145 убиства на новинари. Сите убиени новинари се бореле против корупција во Мексико и ослободувањето на институциите од опашките на нарко картелите.

  • Новинар кој ја знае вистината но тешко може да прибави докази

Новинарот кој има приказна, има обврска прво да ја провери, а потем и да изложи докази пред јавноста. Понекогаш, кога станува збор за корупција, новинарот ја има приказната, приказната е проверена и точна, но тешко е да се дојде до докази кои треба да се објават во јавност.

Поради отсуство на доказите, изнесената приказна се третира како „трач“ и „несериозна“ често на грбот на новинарите кои се влечкаат по судови за тужби, а доколку одлучи да не ја објави засекогаш ја затвора вратата на вистината.

Да се биде новинар е искушение во кое има многу морално дилеми и објективни пречки.

Автор: Магдалена Стојмановиќ