Руска единечна вакцина против коронавирусот наречена „Спутник лајт“ ќе се појави во февруари, објавено е на твитер-профилот на „Спутник 5“, првата одобрена вакцина против вирусот во светот, чиј творец е рускиот научно-истражувачки центар „Гамалеја“ .

Соопштението доаѓа откако американската компанија „Џонсон енд Џонсон“ објави дека ефикасноста на нивната вакцина, која се дава во една доза, варира од 69 до 85 проценти.

Добиени се добри резултати. Вакцината ‘Џонсон енд Џонсон’ во суштина е само првата доза на „Спутник 5“. Ние исто така ќе лансираме еднокомпонентна вакцина во февруари. Ја нарековме „Спутник лајт“ – објавија креаторите на руската вакцина.

Шефот на рускиот Фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитријев, изјави дека новата верзија на вакцината ќе биде наменета главно за странските пазари, односно дека ќе биде ориентирана кон полесна примена на места каде има жаришта на епидемијата.

„Спутник лајт“ може да послужи како ефикасно привремено решение за многу земји кои го доживуваат врвот на епидемијата. Лесната верзија на „Спутник“ доби дозвола за клинички испитувања на 11 јануари од руското Министерство за здравство. Истражувањето се спроведува на 150 волонтери и се изведува во три медицински установи – вели Дмитријев.