Наспроти оправдувањата на градежниците дека цените на становите вртоглаво растат затоа што понудата е помала од побарувачката, последниот попис покажа дека повеќе од една третина од становите во државата се празни.

Од вкупно 839.174 станови, 531.987 станови или 63,4 проценти се населени, а 307.187 станови или 36,6 проценти се ненаселени, објави ДЗС во најновиот сет податоци од пописот.

Од 1 јануари годинава стапи во сила изменетиот Закон за даноци на имот кој предвидува данокот на стан, во кој никој не живее, да се зголеми за трипати. Доколку пак газдата не пријави дека поседува стан во кој не живее или не ставил кираџии, данокот ќе биде петпати повисок.

Сопствениците на невселените станови, кои на виделина ги извади пописот, имаат уште еден месец да најдат кираџии за да избегнат трикратно зголемен годишен данок. Законот предвидува повеќекратен данок да се наплатува за становите кои стојат празни најмалку шест месеци. Тоа значи дека државата треба да ги стави под лупа празните станови од наредниот месец, кога истекуваат првите шест месеци толеранција предвидена со Законот.

Трипати повисок данок според новата регулатива е предвиден и за празниот деловен простор, за земјоделското земјиште што не се обработува, но и за недвижностите со кои располага државата.

Сепак, колку празните станови ќе имаат финансиски придонес во буџетот, што е и една од причините за новата регулатива, пред се зависи од ажурноста на институциите кои ги прибираат даноците.

За намалениот интерес за изнајмување зборуваат и агентите на недвижности, кои нотираат и благ пораст на кириите. Тие велат дека сега станови под кирија најчесто земаат млади парови кои пред да стапат во брак сакаат да видат како е да се живее заедно, луѓе од внатрешноста на државата кои работат во Скопје и студенти.

Во агенциите за недвижности сметаат дека примената на повисок данок за празните станови би требало да ја зголеми понудата на станови за изнајмување, но според нивните очекувања кириите не би требало да продолжат да растат.