Добар дел од времето во мојот мандат го имам посветено да помогнеме системот да стане функционален. Она со што мора да се согласиме и да се соочиме е дека ние имаме нефунционален систем.
И, поради тоа состојбата ни е ваква. Јас би ги укинал централните инспекции, целосно да не постојат, да не постои државен инспекторат.
Може да постои државен орган којшто ќе врши контрола на инспекторирањето на општинските инспекции, дури ни пазарната инспекција не смее да биде централна.
Различни ни се приоритетите како органи. Недавањето на градоначалниците моќ или оставањето можност за институционален пинг-понг е причина поради која се наоѓаме во ваква состојба на терен. На пример, јас сакам да спроведам акција на Битпазар.
Треба да се молам со Пазарна. Да не бидам лошо разбран, не велам дека е лоша соработката. Но, мојата правна позиција е дека треба да се молам со пазарната инспекција.
Понатаму, во Железара има улица која ги дели општините Гази Баба и Бутел. Инспектор за животна средина од Бутел фаќа на лице место сторител како исфрла шут, човекот се легитимира, но шутот го исфрла десно, во Гази Баба.
И инспекторот не му може ништо. Скопје е многу поспецифично од другите единици на локална самоуправа имајќи го предвид дуализмот во локалната самоуправа, затоа одлучивме дека е паметно ова што го имаме како концепт, додека не се реши системски што со комуналната полиција.
Еве да го отвориме предизвикот – да ги укинеме државните инспекции, имаме најкатастрофален Државен инспекторат за животна средина, со многу субјективни слабости, јас така ги дефинирам некои појави за кои сме сите свесни дека постојат.
Па, Градскиот инспекторат излегува да мери ниво на загаденост на реки, па градски инспекторат фаќа криминал со медицински отпад.
Медиумите се тука, прашајте ги обвинителите до каде се со тој предмет. Знаете дека стои? По прес-конференцијата тогаш, пред пандемијата, се крена малку фама, почнаа некои дописи, дојдоа некои истражители, фати пандемијата и се е под радар.
Затоа системот за кој ние воочуваме дека е нефункционален треба да се исправи, со законски измени – рече Шилегов.