Стефан A. (29) раскажа неверојатна приказна која потврдува дека резултатите од тестовите се неверодостојни и создаваат многу конфузии, поради што е тешко да се организира периодот за изолација. 

На првото тестирање кое го направил со упат од матичен лекар во Институт за јавно здравје, резултатот од брзиот антиген тест бил позитивен, со што му била одредена изолација.

Сепак, Стефан се сомневал во веродостојноста на резултатите бидејќи немал никакви симптоми, а како што наведува направил тест бидејќи му требала потврда со негативен резулат од тестирање за поминување на граничен премин.

По еден час, одлучил да направи уште еден тест во приватна лабораторија. Тестот бил негативен, а тој добил потврда дека може да патува и да помине граница.

И покрај потврдата за негативен тест, Стефан сакал да биде сигурен во резултатите, бидејќи, како што раскажува има доенче дома, па не сакал неговото здравје да го доведува во ризик.

За 24 часа, повторно направил тест во приватна лабораторија, а резултатот бил негативен. Со истиот резултат тој поминал граница, во исто време кога согласно првиот тест има решение за изолација.

Решението за изолација не престанало да важи се уште, но Стефан А. има валиден документ кој го побива првиот резултат. Кој резултат е валиден изгледа е прашање на личен избор и сопствено убедување.

Во исто време на социјалните мрежи, граѓаните споделуваат дека матичните лекари не издаваат упат за ПЦР тестови, туку само за брзи антиген тестови, чији резултати се доведуваат во прашање и од лекарската фела.

Доколку граѓаните сакаат да направат ПЦР тест после резултатот од антиген тестот ќе мора да почекаат две недели бидејќи правото на користење бесплатно тестирање имаат само еднаш во 14 дена.

Цената на ПЦР тестовите во приватните лаборатории се движи од 1400 денари па нагоре.

*Дополнителни информации за местото и лабораториите каде се правени тестирањата намерно се изоставени, на барање на Стефан А чија приказна ја споделуваме. 

Поврзано:

Молекуларниот биолог Идриз Дурмиш: Дали во портокалот навистина има присуство на Sars-CoV-2?