Сашо Панговски е кандидат за градоначалник на општина Ѓорче Петров и долгогодишен активист на „Движење Бојкотирам“. По образование е професор по филозофија, а во социјалниот идентитет луѓето го препознаваат како родољуб, посветен и етички автономен политички субјект, пријателски настроен кон другите.

  • Една од атрибутите кои те опишуваат, со кој се идентификуваш и по кој луѓето те препознаваат и категоризираат е „патриот“. Како според тебе еден патриот се дејствува, кои етички одлики ги има и какви се неговите концептуални интереси? Што по твоја слободна интерпретација патриот подразбира (операционализирај)?

-Патриот е највулгаризираниот збор во последнава деценија, и тоа не е случајно. Денеска, благодарение на пропагандната машинерија на глобалистите, сликата за патриотите не само кај нас, е целосно изместена.

Направена е операција со која на зборот патриот му се залепени физички, појавни атрибути, со цел девалвација на етичката димензија. Добро си забележала дека етиката е стожер на патриотизмот.

Во мене луѓето препознаваат сет етички норми кои јас ги презентирам и како човек, образ (чест), срце (љубов) и мадиња (храброст). Ова функционира и во приватниот, секојдневен живот. Јас само сум оној што сум, приватно за семејството, кога правам емисии со политичка содржина или настапувам на трибини – тоа го еманирам кон Македонија.

Накратко, кон сопствената земја се однесувам како кон сопственото семејство, чесно, со љубов и храбро. Интелигенцијата е само декорација ако немаш етички систем кој ќе стои во темелот.

Интересно е што мојата борба против фолклорните, визуелните патриоти, кои не правеа ништо освен што читаа песни за Македонија, честитаа важни датуми и се китеа со 20 знамиња (поголем патриот од тој со 5 знамиња нели) – најпрво наидуваше на отпор меѓу луѓето, но јас не направив компромис со својот вредносен систем и не се повлеков.

Токму таа моја упорност, се чини дека го засили стандардот. Денес, многу повеќе од пред 2 години – луѓето веќе не се задоволни само со фолклор, бараат и етика, ја бараат базата. Ова ме радува и ми дава мотив. Можеби поради токму тие зголемени стандарди, денес луѓето ме препознаваат како патриот, а всушност јас сум оној што сум во приватниот живот само тоа го пресликувам на мојата борба за Македонија.

  • По образование си професор по филозофија. Што твоето образование значи за твојата политичка профилација? Сметаш ли дека филозофското знаење од еден политичар или народен избраник прави специфичен профил на политичар, несекојдневен, различен? Колку се согласуваш со Платон дека владетелот на идеалната држава мора да има филозофско образование?

-Платон живеел во поедноставни времиња. Тогаш, етиката била стандард, а неетичните луѓе исклучок. Денес живееме во општество и свет во кое за успех според стандардите кои со помалку или повеќе отпор сите ги прифатија, е потребно да го заборавиш моралот.

Луѓето го гледаат Боки 13 како отвара телевизија и се шета од кабинет на министер до кабинет на премиер а само до пред 5 години се поптосеруваше по српски реални шоуа за 500€ по епизода. Критериумот е паднат.

За успех се смета количината на пари акумулирана во временска отсечка. Што пократка отсечката, поуспешен човекот. Никој веќе не се прашува КАКО успеал некој човек, никој не прашува кој е КРИТЕРИУМОТ за успех кој е банализиран на чиста акумулација на пари. Во таков свет, во таква држава – успешни се Кочо Анѓушев во чии контејнери горат живи луѓе, зошто нема стандард, критериум и Венко Филипче кој должноста тие стандарди да ги запази ја сменил за добра провизија.

И потоа луѓето се чудат, КАКО СЕ СЛУЧИ ОВА? Се случи со отсуство на критериум дечки. Принцип кој вие го прифативте. Што се буните сега? Затоа сметам дека храброста да се расчисти со вакви срања, љубовта кон сопствената држава и чесноста, треба да се вратат на пиедесталот на вредности. Дали тоа е филозофски систем? Да. Дали е тоа вистински живот? Да. Како градоначалник ќе се борам да се врати стандардот. Ако тоа е филозофија – so be it.

  • Како некој што те знае приватно можам да кажам дека ја поддржувам твојата кандидатура, не поради сличноста на нашите политички ставови (кои почесто се различни), туку поради твојата личност, социјалната интеракција и допадливоста што ја носиш како личност во очите на другите. Едноставно луѓето те опишуваат со симпатии. Дали е тоа доволно или можеби пресудно за еден иден градоначалник? Колку е важна неговата персоналност и неговата човечност при одлуката да биде избран од гласачите наспроти компетенцијата за играње на дадената општествена функција?

-Компетенциите се важни, но уште поважен е мотивот. Јас како и сите други кандидати немам завршено факултет за градоначалници. Не постои таков факултет ниту такво образование за пред рака да кажеме – овој ќе биде успешен градоначалник а другиот не.

Тенденцијата за градоначалник да се стават медиумски водливи личности или личности со титула е индикативна за намерите на оние кои ги поставуваат. Со таа мимикрија треба да се покрие слонот во собата – добар доктор не е еднакво на добар градоначалник, добар адвокат не е еднакво на добар градоначалник, добар пеач исто не е еднакво на добар градоначалник.

И тезите се свртени наопаку, партиите нудат програма која е четиво толку воопштено што за секого има по нешто, и ти читаш и си велиш, да ова е она што го сакам јас. Фактички програмата е каталог на намери и црна книга на неостварени желби.

Каде ви се градинките, базените, школите, патиштата кои сте ги прочитале пред 30 години во програмите? Ги нема. Нив ги „изедоа” напорите на таа и таа партија, да го стави тој и тој човек на тоа место. А тоа чини пари. Избирате должници за градоначалници, па се чудите зошто тоа не успева.

Јас решив да изберам поинаков пат, нема да нудам каталог на желби – ќе правам сѐ што на жителите на мојата општина им е потребно. А ќе успеам зошто на функцијата ќе дојдам без долг, без кредит, без камати….

Добар старт нели? Сите пари за нас. Не должиме никому. Ѓорчевци ќе знаат да препознаат.

  • Бидејќи се кандидираш за јавна функција на локалните избори, колку во своето управување со општина Ѓорче Петров, доколку станеш градоначалник, ќе се раководиш од локал-патриотизмот, а колку од патриотизмот? Дали своето идеал-типско управување со државата ќе го пресликаш во пракса во уредување на локалното или сепак ќе апстрахираш интереси и потреби на сите интересни групи од општината?

-Локал патриотизмот е сегмент на патриотизмот. За локални избори е пресуден. Локал патриотизмот е најрафинирана форма на патриотизмот зошто се однесува на луѓето кои те опкружуваат и нивната благосостојба, квалитетен живот.

Лесно е за мене да бидам локал патриот, зошто го споделувам истиот живот со сите останати. Луѓето може да ме сретнат во маалската кооперација, на маалското игралиште, во Орман кога го возам моторот или во парк кога ги шетам децата.

Мотото на мојата кампања е #ЕДЕНодВАС, и навистина е така. Ако ме сретнеш во автобус – јас сум ти, човекот што оди на работа, на клупа со сендвичот сум човекот кој го храни своето дете додека се шетаат, ги плаќам истите сметки, ги одам истите патеки.

Роден сум, израснат и воспитан во Ѓорче, и Ѓорче ќе го направам убаво за сите, дури у за оние кои егото или партиската припадност ќе ги спречуваат да уживаат во него. Но тоа нас, обичните, секојдневни луѓе, нема да не спречи да уживаме во него.

Во Ѓорче секој ќе може да шета по новиот кеј, секој ќе може да го остави своето милениче во нашите хостели за миленичиња, секој ќе може да одмори носејќи го своето дете во peting zoo објектите. Ќе примаме и намуртени фаци и лоши губитници. Ќе ги навикнам на критериум и стандарди. Тоа е мојата мисија. И ќе можат сето ова да го прават во Македонија, а не во Северна. Ѓорче ќе биде првата слободна територија.

  • Твојот стил на говор, на однесување, изглед и сл. е многу близок до народот. Согласно кампањата која ја водиш можам да забележам дека се разликуваш од другите кандидати. Не носиш костуми, не вежбаш пред огледало, немаш тим од психолози кои работат на смирување на трема пред камера, немаш шминкери и куп други работи кои се „привилегија“ на кандидатите за градоначалници. Твој стил е некако спонтан, прифатлив и разбирлив за луѓето на кои им се обраќаш. Дали со овој стил на прикажување даваш до знаење дека ќе бидеш гласот на народот, еден од нив, а не некој што ќе се однесува кон нив како слепи кој просветлениот треба да ги води?

-Стилот е таков зошто јас сум дел од тој народ. Не ми е потребен ни инстаграм филтер ниту ја предозирам мојата академска тежина.

Кога си во Рим, прави како Римјаните – кога си меѓу народот, си дел од него и секое негово чувство го споделуваш и живееш.

Не сум апстрактен политичар кој кажува мистични тајни а ти си премногу глупав за да ги сфатиш. Тој што сака да го разбереш, ќе го каже нештото на начин разбирлив за тебе.

Тој што се крие зад академското, едноставно не сака да ја чуеш вистината, па ја маскира лагата со jазик неразбирлив за обичниот човек. Јас сакам да ме разберат. И течно го зборувам јазикот на народот, нешто со кое моите конкуренти не можат да се пофалат.

Јас не сум гласот на народот, народот си има глас. Јас сум БОЗДОГАНОТ на народот. Народот треба само да ми даде моќ и да ми каже кај да удрам.

Без народот сум сам и не можам многу. Со народот зад себе, лесно ќе ја спичкам оваа вукојебина од систем која секојдневно не осиромашува, дискриминира и убива. Глас за мене е глас за СЕБЕ. Сега имаш избор. Таинствени се патиштата Господови.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ