Во триесеттите години од минатиот век, многу од писмата од читатели објавени на страниците на списанијата во делот за совети се однесуваат на мажите.
Темите за кои се пишува се од сите видови – мода, финансиски, кулинарски и фамилијарни односи.
Колумнистите даваат совети за многу аспекти од животот, и така тие не само што им помагаат на луѓето што им пишуваат, туку поставуваат стандарди за цела Британија.
Еве што значело да се биде маж според магазините од 30-тите години.
Не мора да бидете убави
„Добриот изглед е бескорисен, ако позади него нема силен карактер“, предупредува колумниската Дороти Дикс од „Дејли мирор“. Додека младите дами можеби сонуваат за филмски sвезди како Кларк Гејбл или Кери Грант, луѓето кои одговараат на писма во списанија (претежно жени наречени „тетки за лечење на агонија“) сакаат да ги вратат девојките на земја, потсетувајќи ги дека убавиот изглед треба да биде последен на списокот за секоја жена што бара љубов. Згора на тоа, тие дури сугерираат дека не треба да им се верува на мажите со најдобар изглед затоа што „најзгодниот маж е често најголемото ѓубре“.
Колумните откриваат дека многу мажи во 1930-тите во Велика Британија се чувствувале несигурни за изгледот. Објавени се бројни писма од господа кои се загрижени за нивниот изглед: од оној кој „се плаши од последиците“ кога ќе почне да му побелува косата, до оној што е „ужасно повреден“ од девојките кои одбиваат да танцуваат со него поради „Неговите грди уши“.
Редакциите ги тешат мажите велејќи им дека изгледот не е важен дел од квалитетите на мажот: „обичниот човек секогаш може да го подобри својот карактер“ и „грдиот човек со убава насмевка секогаш може да стане популарен“.
Не заборавајте да бидете уредни
Бидејќи во тоа време мажите не биле во можност да ги поправат своите клемпави уши или сивата коса, тие можеле да го подобрат својот изглед на други начини и се очекувало да го сторат тоа. Колумнистите сметаат дека облеката, општото одржување и хигиената се исклучително важни. На облеката се гледало како на јасна декларација на идентитетот – таа е начин на кој човекот може да го пренесе својот карактер на надворешниот свет. Видот костумот или начинот на кој ја обликувал својата коса биле знаци за класата, карактерот, па дури и морал на еден маж.
Во едно стандардно писмо од 1938 година, една млада жена напишала очајно писмо до Дејли Мирор, бидејќи нејзиниот свршеник ја посетил „небричен, имал потреба од нови чевли, чиста кошула и долна облека, бидејќи кога излегувале со нивните пријатело тие секогаш биле дотерани“. Колумниската Дороти Дикс, без двоумење ѝ кажува на авторката на писмото да ја откаже свршувачката.
Иако ова може да изгледа како премногу драматична реакција за секојдневната облека, Дикс го аргументира својот совет со прагматични размислувања. Очигледно прифаќајќи ја облеката како јасен показател за личноста на господинот, таа прво тврди дека „секоја жена наскоро ќе престане да сака невнимателен маж“. Нејзината реакција открива дека облеката е составен дел од идентитетот на мажот, кој се сфаќа сериозно, професионално и романтично – и во време кога од мажите се очекува да го хранат семејството, тие се тесно поврзани.
Дороти не го одобрува лошо облечениот човек како потенцијален сопруг, тврдејќи дека „човек кој изгледа како питач е предодреден да пропадне во својата професија – ниту еден работодавач никогаш не би вработил ваков тип на човек“.
Трошете ги парите одговорно
Големата депресија ѝ зададе уништувачки финансиски удар на Велика Британија и нацијата потона во економска несигурност и висока невработеност во 1930-тите. Проблемите со парите се едни од најчестите во писмата до списанијата, а во ова бурно време кога се очекува мажите да обезбедуваат средства за домаќинството, способноста на мажот да го издржува своето семејство е најважна.
Младите мажи се обесхрабрени да се потпрат на финансиска поддршка од другите и им се препорачува наместо тоа „да работат и да заштедат додека не можат да почнат сопствен бизнис“. Постарите мажи, за кои не се смета дека се соодветно финансиски одговорни, добиваат кратка опомена од колумнистите и се опишуваат како „најиритирачки тип на луѓе“.
Во време кога повеќето мажени жени се принудени да бидат финансиски зависни од својот сопруг, девојчињата ја ризикуваат целата своја финансиска иднина при изборот на сопруг, а колумнистите често го истакнуваат овој факт. Тука се ставал акцент не на огромното богатство, туку на мудрото користење на парите што се на располагање. Дороти Дикс ги советувала девојките да размислат колку пари заработува нивниот избраник, какви се неговите шанси за успех во бизнисот и дали е расипник или штедач според неговата природа.
Списанијата ја гледаат финансиската стабилност како минимален услов за соодветен сопруг, без кој бракот би бил неуспешен. Например жена која размислувала да се омажи за маж без пари, кој немал работа веќе шест години и пиел алкохол, била известена дека „го изгубила целиот разум, само затоа што воопшто не размислувала за својата иднина“. Класичната мудрост, која честопати ја повторувале колумнистите, е дека „без оглед на тоа каков друг шарм може да има мажот, тој е лош за својата сопруга ако не може да ѝ обезбеди удобен живот“.