Бракот како институција е во сериозна криза. Се повеќе луѓе пројавуваат сомнеж во смислата на бракот, го склучуваат релативно доцна со желба да се пролонгира слободниот период од животот или го раскинуваат по неколку години брачно искуство.

Голем број од социолозите денеска забележуваат дека бракот како институција е во залез, но дека современиот маж и современата жена ја задржуваат тенденцијата да бидат моногамни, односно да ги организираат своите семејни односи само со еден партнер.

Една од најголемите нелогичности кои се јавува на тема брак се токму функциите на бракот кои наликуваат на договори за вработување, купопродажни договори, правни акти во кои преку посредство го организирате сопствениот живот и прифаќате да бидете дел од процес на евалуација од надворешна инстанца (суд, центар за социјална работа, адвокати и сл.). Бракот ги обавува економската, репродуктивната и воспитната функцција под велот на идеалистичката приказна „љубов кон една личност до крајот на животот“.

Токму функциите на бракот, а особено репродуктивната, се клични пречки во легализација на истополивите бракови. Ограничувањето во изборот на брачниот партнер е јасно, можете да изберете само брачен партнер со кој е теориски може да имате потомство (да е од различен пол, да не сте во сродство и т.н), да градите заедница која е економски самоодржлива и да се грижите за воспитување на адаптирани идни членови на оваа општество.

Од објективистичка перспектива, ваквите наложувања се сосема во ред, особено ако се земе предвид дека како единки сме дел од поширок општествен контекст и сакале ние да го признаеме тоа или не, ние служиме на општеството, државата, заедницата, културата во која живемее и дејствуваме. Со самото тоа нашата лична слобода се сведува на христијанската парадигма за слободата дека ние имаме избор да бидеме моногамни и тоа не прави слободни, а ако не избереме да бидеме моногамни тогаш сме неслободни.

Тоа е вистинито тврдење, бидејќи, отстапувањето од „нормалните релации“ и заедници кои човекот ги гради во рамките на едно општество носи одреден вид на општествени „казни“ од најблага до најсурова варијанта. Можеби тоа нема да го почувствуваме секаде, но во одреден домен од нашиот живот сепак ќе ја почувствуваме суровоста на општествените стеги кога ќе се обидеме да ја наметнеме или нагладиме нашата лична слобода.

Во рамките на бракот, па и други општествени институции, најважно е човек да биде одговорен, а не слободен. Одговорноста е концепт околу кој се плетат сите мрежи и се мултиплицира се повеќе, а не слободата. Современиот човек се дави во одговорности, затоа е анксиозен, уморен, депресивен, резигниран од животот.

Сите карактеристики на брачната институција, овозможуваат по некој период брачно искство да го донесете неизбежниот заклучок дека личноста која треба да биде темел на вашата брачна заедница затоа што тоа е личноста која ве воодушевува, во која сте вљубени, која е за вас пријатна и сл. всушност се претвара во личност која треба да ги обавува без големи пречки своите улоги внатре бракот.

Да го однесе детето во училиште, да ја заработи месечната плата, да го одржи домаќинството, да го снабди со храна… Од тука процесот на реификација (постварување) на брачниот партнер во минатото од жените направи веш машини, садомијачки, инкубатори за размножување на семејното стебло, а денеска од мажите прави банкомати.

Ако во минатото потребите на жената се на последно место и прототипот на жена е мајка, грижлива сопруга и посветена домаќинка, која по можност треба и малку нешто да заработува, а мажот да има што поголема слобода во однос на децата, домот, ограничениот простор за движење, денеска имаме сосема поинаква слика.

Жената е таа која треба да има комоција, да е негувана, здрава, успешна деловна жена на која има скапи работи, а мажот е оној што е во постојана трка да ги задоволи сите нејзини потреби и еднакво да учествува во прераспределба на работите во домаќинството.

Бракот како институција носи свои апоретични ситуации во кои не може да има еквилибриум помеѓу брачните другари кој е исклучително важен, бракот да ја задржи првичната смисла, односно да е заедница која е создадена пред се на темел на заемна љубов. Бракот ги дистанцира одговорностите кои секој од брачните партнери ги има кон своето семејство на прокреација, обврските кон пријателите и секако обврските на работа. По идеалистичките замисли тоа е слободна зона во која мажот и жената се најслободни и најповикани да ги уживаат своите права.

За жал реалноста е дека тие се масакрирани од своите одговорности, што кон брачниот партнер, што кон другите луѓе кои не се дел од нивниот брак. Љубовта не може да опстане со наметнување одговорности, продлабочување на заеднички обврски, донесување на трети лица кои ќе го посредуваат односот, затоа што љубовта е најслободна и најнепосредна и кога за неа нема место, ниту една функција или институција не може да опстане на база на обврски и одговорности.

Автор: Магдалена Стојмановиќ

*Авторот е м-р по социолошки науки и дип. професор по филозофија