Ратомир Антоновиќ е стручно лице од областа на безбедноста од Цетар за безбедност во Белград кој долгогодишно се занимава со теми релевантни за областа на безбедноста, личната заштита, но и прашања од криминологијата. Антоновиќ е автор на книгата „Бесмртни приказни“ во кои го пренесува своето сведоштво и искуство со кое се стекнал дејствувајќи во областа на безбедноста.
Во интервју за порталот Мој збор, Ратомир Антоновиќ ни откри каков е профилот на убиецот? Постои ли можност да се препознае потенцијален убиец? Каков треба да е односот на општеството кон убиец во процес на рехабилитација и ресоцијализација и секако го одговараме најсуштинското прашање дали убиството е резултат на природните човечки пориви или убиец се станува како резултат на лоши животни и социјални околности?
- Човечката историја бележи голем број на свирепи убиства од чија свирепост и ден денеска се шокираме. Што е тоа што ја поттикнува таа свирепост и поривот за убиство? Дали сметате дека убиствениот порив е дел од агресивната човечка природа (како што тврди Фројд) или тој се создава како резултат на сурови општествени околности во кои пораснал и се градел убиецот?
Ратомир Антоновиќ: Во суштина, секое човечко суштество има инстинкт за самоодржување. Антипод на ова е инстинктот за самоуништување и уништување на другите. Значи, еден вид контрадикторност на животот е смртта и убиството.
Ако тргнеме од претпоставката дека луѓето се раѓаат добри, а на крајот стануваат зли, бидејќи општествените и животните околности ги принудуваат на тоа, тогаш јасно е дека нагонот за убивање не е својствен во човековата природа, туку е резултат на одредени деформации кои се јавуваат во текот на животот.
Агресијата во однесувањето на многу луѓе денес е резултат на тешки животни, социјални и други околности кои надворешно влијаат на сите нас, деформирајќи го нашето однесување, ставајќи нè во позиција на афективно однесување кое е претежно ирационално и нема логично оправдување.
Црната хроника, вести за ужасите на животот, страдањето, уништувањето, суровите убиства ненамерно ја буди агресијата кај восприемачот и на многумина им дава идеја како можат да направат тешко дело со фатален исход.
Грозоморните акти на убиства ги имало и веројатно ќе има и во иднина, но со ентропијата на егзистенцијалните вредности, кои настанале, негувале и се развивале во семејството, нивниот начин на извршување ќе биде сè посуров, бесрамен и бескрупулозен поради загуба на човечката емпатија.
- Како ја коментирате теоријата дека во мирни земји каде што стапката на убиство е многу мала, стапката на самоубиство е голема?
Ратомир Антоновиќ: Феноменот на самоубиство е посебна психолошка категорија, која е тешко да ја разбере обичниот човек. Сите се борат да живеат што подолго, обидувајќи се да најдат лек за подолг и поздрав живот, додека некој од друга страна, полн со живот и здравје, одлучува да си го одземе животот.
Сепак, самоубиството е потег на очаен човек кој не гледа излез од ниедна ситуација. Сигурно има излез, но оваа личност не го гледа затоа што веројатно не сака да го види. Единствен исклучок се тешките болести со фатален исход. Тогаш навистина нема излез и тогаш самоубиството навистина може да се гледа со оправдување.
Затоа треба сериозно да размислиме за воведување на правниот институт евтаназија во нашите правни системи, но тоа е друго прашање. Се согласувам со констатацијата дека стапката на самоубиства е повисока во земјите со повисок степен на социјален стандард и во земјите каде што животот е подобар.
Во овие земји, проблемот со депресијата владее кај сите возрасни категории на луѓе, што кај многу луѓе крајниот резултат е одземање на животот. Тоа се претежно земји со неповолни климатски услови, со многу студени и врнежливи денови во годината, кои дополнително ја поттикнуваат депресијата и промените на расположението кај луѓето.
- Дали постојат методи од областа на безбедноста со кои може да се претпостави дека некој ќе стане убиец и да се изречат повеќе мерки на претпазливост? Во биографијата на суровите убијци обично се забележува дека убијците во своето детство убивале и мачеле животни или можеби врз основа на комуникацијата со другите луѓе и нивните погледи за животот може да се направи проценка на потенцијалниот убиец?
Ратомир Антоновиќ: Овде мора да ги споменеме познатите антрополошки теории, чиј творец е Италијанецот, Чезаре Ломброзо, кој одговорот на прашањето за предвидливоста на криминалното однесување кај некои луѓе го бараше во нивната антропологија и физиономија. Така, оваа теоретска насока изнесе интересни тврдења дека оние кои имаат екстремно ниско чело, зашилен нос, остри контури на лицето или некоја друга слична карактеристика имаат поголем криминален потенцијал од оние кои ги немаат горенаведените карактеристики.
Исто така, Ломброзо и неговите следбеници ги сметале луѓето со некои посебни аномалии на лицето или телото погодни за извршување на најтешки злосторства. Сепак, овие теории, колку и да звучат интересно, не се засновани на научна вистина. Мислам дека социолошките теории даваат многу подобри параметри за тоа кој може да биде сторител на тешки дела, бидејќи тие укажуваат на социјални, семејни, економски, здравствени и други околности кои влијаеле на правилното воспитување на поединецот.
Фактот дека сторителите на тешките кривични дела потекнуваат од уништени семејства, многу од нив пораснале во сиропиталишта, многу родители биле алкохоличари или наркомани, укажува на доминантното присуство на овие фактори во создавањето на нови сторители.
Затоа, кога би зборувале за спречување на криминалот, сите ќе треба да се занимаваме со воспоставување на некои стари и одамна заборавени морални, човечки, семејни и други традиционални вредности.
- Во некои култури, убиецот се казнува остро за своите постапки (дури и со смрттна казна во САД), во други култури на убиецот се гледа како на лице на кое треба да му се помогне бидејќи е жртва на системот, лошото управување, семејна негрижа или малтретирање во детството. Која е според тебе плаузибилната теорија преку која општеството треба да го гради односот кон убиецот?
Ратомир Антоновиќ: Вечното прашање е дали треба да им се одмаздиме на сторителите на кривични дела или да ги ресоцијализираме со казни и да ги направиме општествено прифатливи членови. Во античко време, казнувањето било класичен облик на одмазда и се карактеризирало со екстремна суровост. На убиството најчесто се одговарало со убиство, а имало и правни институти за крвна одмазда, што значело истребување на цели семејства. Со текот на времето, стана јасно дека казната треба освен одмазда, да значи и облик на превоспитување, и од сторителите на кривични дела да создаде општествени чинители.
Тогаш се родиле идеите за превоспитување и стручно оспособување на осудените лица, за по ослободувањето да имаат работа од која би можеле да живеат. За жал, има и такви сторители на кривични дела за кои ресоцијализацијата е невозможна, кои се трајни повратници и за кои хуманизираниот систем на казнување не може да придонесе за одвраќање од нови кривични дела. Затоа, некои законодавни домови воведоа доживотен затвор, бидејќи за таквите луѓе најдобро решение е нивното трајно отстранување од заедницата со затворање во затворска установа.
- Дали има вистина во тоа дека кризните периоди поттикнуваат зголемен број на убиства или сепак во криза луѓето се посолидарни и кај нив проработува борбата за опстанок?
Ратомир Антоновиќ: Кризните ситуации делуваат како вистински предизвикувачи за луѓето кои имаат потенцијал да извршат криминал. Во вонредни околности вниманието за општиот криминал опаѓа и тој станува прашање од второстепена важност, додека фокусот е на суштинските проблеми кои го мачат целото општество. Тогаш се подига нивото на делата од општ криминал, а често се подига и стапката на извршувањето на крвните деликти.
Затоа не смееме да се опуштиме во вакви ситуации и мора да ги земеме предвид постојаните безбедносни ризици кои се присутни во сите можни ситуации. Солидарноста се јавува кај чесниот свет, кој се однесува одговорно во секоја ситуација, но нереално е да се очекува солидарност од оние кои во вакви ситуации се обидуваат да го удвојат својот капитал стекнат со незаконски дејствија.
Интервјуто за ⒸМој збор го спроведе: Магдалена Стојмановиќ
Можеби ќе ве интересира: