Александар Ковиловски е социолог и автор на книгата Рециклирање зад ѕидовите – Апекти од пенолошката пракса. Работи во казнено-поправен дом и се занимава со музичката уметност, пред се со хип-хопот.

Овој интересен спој на улоги кои ги има Александар нѐ инспирираше да поразговараме со него, за неговите перцепции за наградата, казната, ресоцијализацијата и мотивацијата.

Во неговите одговори на прашањата поврзани со гореназначените концепти, Ковиловски со примена на социолошкиот пристап ни ги објасниме термините кои секојдневно ги користиме, но чии слоеви на значењето не баш секогаш доволно сме ги препознавале.

  • Како во твојата книга го разгледуваш односот на вина и казна. Дали односот меѓу нив е причинско последичен, односно дали ако има вина има и казна и ако има казна има и вина или постојат исклучоци?

Ковиловски: За да започнеме да зборуваме за вината и за казната мора да дознаеме кои се всушност, виновниците и казнетите. Многумина сметаат дека криминалецот на е како нас „останатите“ и дека постои посебна спецификација во неговиот ген која е различна од „нашата“, а која ја предизвикува појавата на девијантно поведение кај него.

Сепак науката вели дека секој од нас во одреден период од животот во фаза на ранливост предизвикана од некаква форма на притисок (општествен, психолошки) може да направи кривично дело.

Кога ме прашувате за вината и за казната мора да знаете дека престапникот некои форми од сопственото поведение не ги гледа како престапи, и затоа не чувствува вина за направеното.

Но сепак, јасно е дека сите виновни не се казнети и сите казнети не се виновни не само во Македонија туку и во светски рамки, тоа е можно само во некое утописко општество каде што има нулта толеранција на корупција и каде што не постои човечка алчност за пари и за одредени бенефити.

  • Кои инстанци во општеството одредуваат вина и казна. Обично се смета дека тоа се органите на судската власт? Но има ли вистина во тоа дека уште од најмала возраст преку процесот на ресоцијализација ние сме подложни на индукција на вина и казна од родителите, преку образованието и т.н?

Ковиловски: Државата е организирана заедница на луѓето која дала ингеренции вината и казната да ги одредува судската власт. Таа, како едно од највисоките правни инстанци во државата одредува дали е некој виновен за некое кривично дело или не.

Меѓутоа морам да споменам еден неформален фактор а тоа е примарната социјализација која се одвива во семејството, групата на врсници и училиштето.

Овде детето учи што е тоа вина, што е правилно а што не е правилно да се прави. Погрешната социјализација прави личноста да не разбира како фунционира општеството и да почне да прави грешки во размислувањето кои ги нарекуваме когнитивни дисторзии односно искривени перцепции или погледи кон светот.

Лицето со когнитивни дисторзии е многу поверојатно да навлезе во проблематични ситуации, и често е на работ на извршување на кривично дело. Со други зборови, пропуштената социјализација тешко се надоместува.

  • Дали казната е правилен метод за ресоцијализација или можеби со казнување на виновниците ние во суштина ги принудуваме на повторна социјализација во согласност со правните норми?

Ковиловски: Кога зборуваме за казна треба да знаеме дека основна цел на постоењето на затворите е ресоцијализација на осудените лица. Онаа ретрибутивна казна на којашто мислите е второстепена цел.

Со други зборови осуденото лице се изолира од средината и се става на место (КПУ) на кое е под постојан надзор и постојана обука да го промени своето поведение. Се разбира дека во пракса ова не е едноставно да се реализира.

Постојат многубројни внатрешни (на пример недостаток од стручен персонал задолжен за ресоцијализација на осудениците) и надворешни фактори (непостоењето на постпенална помош) кои влијаат овој процес да се реализира правилно, односно се пречка во спроведувањето во пракса на она што е теорија.

  • Што во случајот кога единствен метод да социјализација е наградата, а што кога единствен метод во случај на социјализација е казната?

Ковиловски: Би можел да одговорам дека самата социјализација/ресоцијализација ние треба да ја гледаме како награда.

Концептот на ресоцијализација вели дека начинот на кој го перцепираме светот не е само производ на информациите кои ги восприемаме од надвор туку и од начинот на кој сме научени да ги интерпретираме овие информации.

Според тоа престапничкото поведение е научено поведение, и бидејќи индивидуата научила да се однесува девијантно, истата може да се промени и да се научи и на почитување на општествените правила.

  • Што повеќе мотивира наградата и признанието или бегството од казна и осуда?

Ковиловски: Сметам дека личноста се раѓа како „табула раса“ и зависно од тоа што ќе и се всади така и ќе реагира. Така, некои се повеќе мотивирани од наградата а други повеќе од бегството од казна.

  • Која е поврзаноста помеѓу надворот и казната. Дали ако сме под постојан надзор (паноптикум) има можности да бидеме и почесто казнети, или самата свест за постоење на надзор не дисциплинира и принудува да се однесуваме социјално посакувано?

Ковиловски: Надзорот и казната се нужно поврзани. Казнувањето не може да биде реализирано без надзор. Човекот освен социјално е и природно суштество со свои нагони.

Доколку не се усовршил да ги контролира овие нагони ќе имаме проблем. Ќе имаме разбојништва, насилство, силувања итн. Од овој аспект сметам дека осуденото лице треба да биде под некаков надзор. Овој надзор го потсетува дека постојат закони кои мора да ги почитува.

За жал, овој надзор може да се злоупотреби и под превезот на овие закони и вредности непотребно да се навлезе длабоко во интимата на индивидуата но тоа е можеби друга тема на разговор.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ