Бројот на смртни случаи од туберкулоза повторно почна да расте, првпат по десет години, најмногу затоа што пандемијата на Ковид-19 го наруши пристапот до здравствени услуги, соопшти денеска Светската здравствена организација.

Ова е алармантна вест што треба да послужи како знак за тревога во светот за итна потреба од инвестиции и иновации за да се пополнат празнините во дијагнозата, третманот и грижата за милиони луѓе погодени од оваа болест, која е стара, но може да се избегне и излекува – нагласи генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус во соопштение.

Главната причина е затоа што помалку луѓе се тестирани и лекувани бидејќи ресурсите се пренасочени за борба против пандемијата на коронавирус, истакна СЗО во својот годишен извештај за туберкулоза објавен денеска, а се однесува на 2020 година. Ова е далеку од подобрување бидејќи се повеќе луѓе не знаат дека ја имаат болеста, која е излечива.

СЗО проценува дека околу 4,1 милиони луѓе имаат туберкулоза, но дека таа не е дијагностицирана или официјално потврдена, што е значителен скок во споредба со 2,9 милиони во 2019 година.