Деновиве додека размислувам за преземање на мојата мајчинска улога окупирана сум со гледање на разни видеа, искуства прераскажани на форуми, книги и статии поврзани со родителството.
И додека за преземање на мајчинската улога се подготвувам како за пред испит на факултет, размислувам за тоа какво ќе биде моето дете, кои карактеристики ќе ги има, колку ќе биде темпераментно, дали ќе биде идниот генијалец, успешен човек кој ќе придонесе многу за општеството и човештвото.
Сите овие мисли, веројатно не ми поминуваат само мене низ глава, туку и на сите идни мајки, особено оние кои ќе станат мајки на своето прво дете и немаат никакво искуство со мајчинството. Но се фатив себе во една опасна замка во која се заглавени најголемиот број денешни мајки, поради чија масовност, потсвесно овие размислувања сум ги доживеала како нормални. Всушност оптеретувањето со мајчинската улога и со тоа колку добро ќе се „покажете“ како мајка се стравови од личниот неуспех, со што однапред му ја подготвувате несоодветната околина на вашето дете. Дали детето ќе биде генијалец и успешен човек, има многу малку врска со нас. Сите луѓе на светот се родени од мајки и имаат папок, како генијалните така ипросечните и потпросечните.
Мајчинската улога не е само раѓање на детето, но таа е во голема мерка детерминирана од билогијата. Раѓањето на детето е чиста билогија за кој чин ние жените се детерминирани. Големата жртва која жените ја даваат да донесат на свет нов живот е несомнено голем придонес за интензитот на мајчинските чувства кон детето што се појавуваат понатаму. Замислете само како е да го „отстапите“ своето тело за во него да се развива друго и тоа на не така убав и благопријатен начин. Често гушкањето на wc шољите знаат да ви бидат првото „Добро утро“ или последното „Добра ноќ“ и девет месеци живеете без помисла да се откажете.
Точно е дека мајчинството е повеќе од раѓање на детето, мајчинството е родителска должност да се грижите за детето се додека не стане независно. Но мајчинската должност произлегува од етиката и таа како и раѓањето на детето не се ваша лична заслуга. Немате многу избор кога е во прашање обавување на родителската должност, таа ќе ве следи целиот живот. Кои опции ги имате доколку се откажете од мајчинската должност? Да бидете „немајка“? Просто родителската должност е составен дел од вашето битие и вашиот живот и за тоа што сте совесна мајка не треба да очекувате светот да ви ракоплеска, па ни вашите деца. Тоа е исто како на секој добар човек и етичен граѓанин да му ракоплескаме на улица затоа што ја исполнува својата човечка должност.
Мајчинството не е лично достигнување, тоа е дел од нашата природа и дел од нашата етика. И затоа се гадам на мајки кои трофеите на своите деца ги подигаат повисоко од сопствените глави. Ако едно дете имало преголем предизвик пред себе да научи една стихотворба и добие награда на приредба во градинка тоа е само негов успех. Не знаете низ какви внатрешни агонии поминало тоа детенце за вие на крајот да му го соберете трофејот и во заедничка фотографија да истакнете како вашето дете добило награда, што всушност е ваша заслуга, затоа што тоа е вашето дете.
Со таквиот однос им правиме голема неправда на децата, крадејќи им го успехот, слободата, правото да бидат онакви какви што тие сакаат, а не какви што ги замислуваме. Додека сите дома имаме послушни деца кои пред нас го зборуваат она што нашата болна суета, разболена од лични неостварени амбии сака да го чуе, надвор од нашиот видокруг децата се даваат во пороци пливајќи цел живот во сопственото незадоволство. Нашето лично незадоволство е единственото нешто што децата ќе го наследат од нас во таков однос.
Треба да запомниме дека децата се живи суштества кои имаат свои личности, тие не се вашето уметничко дело, хартијата на која пишувате и ја покажувате својата креативност, не се вашата банкарска сметка, или било кој друг индикатор за тоа колку сте вие супериорни менаџери и воспитувачи, како и се друго во животот, тие се личности кои најдобро ќе знаат дали вие сте добра мајка или не!
Автор: Магдалена Стојмановиќ