Работата сочинува во просек една третина од времето на човекот. Се вели дека работата и професијата се дел од личниот идентитет на човекот и многу навики, ставови и однесувања зависат токму од работата која ја работите.

И додека работата е задолжителен дел од животот на еден човек преку кој тој се самоактуелизира, реализира како личност во социјалниот свет, тој исто така и придонесува за развој на општеството.

Но како што работењето е задолжителен дел од животот на човекот, така и одморот е задолжителен. Нема работа без одмор и одмор без работа. Овие две категории се услов за можност едната на другата.

Во текот на одморот човекот може да избере да ја намали својата физичка и ментална активност, да се посвети на забавата и социјалниот живот или едноставно да го искористи времето да се реализира во аспекти за кои му недостасува време поради работата.

На пример одморот може да биде совршено време да правите креации кои ве исполнуваат со енергија и ви даваат чувство на пријатност или да читате некоја книга која ќе ви направи ментална прошетка и авантура.

Постојат илјада начини како да се одморите и подготвите за работната недела, а вие изберете го вашиот начин.