„Насилството не е оправдано“, „За да не ги браните ќерките, едуцирајте ги синовите“, „Не ме пипај“ и „Не значи, значи не“, „Ниедна девојка не „го бара““, „Солидарност со Приштина“ беа дел од транспарентите кои група граѓани денеска ги истакна на плоштадот Скендербег во Скопје, во знак на протест против насилството врз жените и девојчињата откако пред три дена во парк во Приштина пет лица околу седум часа силувале 11-годишно девојче.

Организаторите на протестот во Скопје порачаа дека денеска протестираат против насилството што се случува, и порачаа до институциите да преземат мерки со цел спречување на слични дела во иднина. Тие истакнаа дека секој од нас е потенцијална жртва и токму затоа треба преку солидарност, едукација и поддршка сите да се едуцираат и информираат.

На плоштадот „Мајка Тереза“ се собраа стотици граѓани, главно жени и девојчиња, меѓу нив и познати имиња од областа на музиката и уметноста, како Фифи, Беатрикс Рамосај, Афрдита Дрешај, Моника Љубоња и Еви Речи, кои носеа маички со натпис „Кој има ќерка, го има светот“.

Илјадници луѓе се собраа денеска и во Приштина на протест што го организираше невладината организација „Колектив за феминистичка мисла и дејствување“, а вечерва и во Тирана се одржа мирен протест по мотото „Стоп на молкот“ во знак на осуда на насилството врз жените и девојчињата.