Книгата Политички говори и јавни настапи е интерактивна, видео книга која се занимава со политичките говори кои направиле крупни и значајни промени во историјата на човештвото и цивилизацијата.

Покрај анализа на најзначајните говори од светски политичари, во книгата се среќаваат и анализи и коментари на јавните настапи на политичарите, начинот на кој се формира јавниот дискурс, влијанието на социјалните мрежи во креирање на свеста за релевантноста на јавните прашања, јазикот во јавните настапи, како и анализа на свежи и актуелни општествени, културни и политички случувања на глобално рамниште.

Користена е социолошка методологија, терминологија и концептуализација својствена за општествените науки, пред се за социологијата. Но и покрај тоа што Политички говори и јавни настапи е научен пристап кон политичките прашања на кои сѐ почесто се гледа површно и се коментираат со голема леснотија, авторката користи популарен јазик и примери од секојдневието кои му олеснуваат на читателот да ја разбере симболиката на јавните настапи кај политичарите.

Книгата има за цел да ја подигне медиумската писменост на популацијата, да ја етаблира демократската свест и поттикне демократската зрелост за учество во креирање на јавното мнение и јавниот дискурс, но и да му овозможи на читателот да разликува „лажен исказ“ и „дезинформација“ од „вистинит исказ“ и релевантна информација.

Според проф. д-р Јове Кекеновски рецензент и промотор на книгата, … Книгата „Политички говори и јавни настапи“ на авторот Магдалена Стојмановиќ е храбар чекор на една млада дама која се обидува да се фати во костец со политиката и политичарите како субејкти на политиката, водејќи се од денешното доминантно размислување дека ,,Политиката е насекаде околу нас“…

…Оваа публикација е наменета за сите оние кои сакаат да бидат политички одговорни, и полесно да ги дешифрираат намерите и мотивите на информациите на кои секојдневно сме изложени, а потоа полесно да ги филтрираме и селектираме информациите што е неопходно за секој од нас во ова време…, вели Жарко Павловиќ, дипломиран професор по филозофија од Краљево, Р. Србија.

Покрај тоа што има бројни едукативни и апликативни придобивки, книгата содржи оригинални видео илустрации инспирирани од пораката и семантиката на книгата. По секоја тема, во книгата се впечатени QR кодови кои отткако ќе се скенираат со помош на мобилните телефони, читателот го носат до Интернет простор каде што може да ги проследи авторските видео-илустрации на илустраторот и уредник на книгата – Миодраг Константинов.

Идејата е, мобилните телефони „паметно“ да се користат во преглед на содржини и мобилните телефони да се користат како помошно средство за читање на книги, а не како супституент на книгата.

Покрај видео илустрации, книгата е од интерактивен карактер бидејќи авторот ги повикува читателите да пишуваат коментари и рецензии, кои ќе бидат објавени во второто издание од книгата.

Оваа книга се препорачува за политичарите, новинарите, општествените научници, студентите по општествени науки и за општата популација која сака да разбере со какви средства и манипулативни техники се користат политичарите и како да разликуваат „вистина“ од „лага“ при пласирање на своето демократско мислење.

Промоцијата на книгата ќе биде одржана на денеска во Кафе „Република 1314“ во Аеродром со почеток во 20.00 часот. Промотор на книгата е проф. д-р Јове Кекеновски, а на промоцијата ќе говори и авторката.