Додека мажите на големо се подготвуваат да ги соберат престижните признанија за своите заслуги на крајот од годината со разни номинации како што се „Маж на годината“, „Маж на деценијата“ на векот, на светот, на бесконечното постоење… Жените во последните недели од ноември се уште се борат да докажат дека темата: Насилство врз жени, односно родово-базирано насилство е важна општествена тема.
Додека мажите организираат прослави на кои го собираат кајмакот од својата работа во гламур, на кој егоцентирчниот делириум им го зголемува громогласното ракоплескање во огромната сала на скапи настани, жените се собираат по мали настани, во далeку полоши услови да се борат со ветерниците на шовинизмот и засилените фосили на патријархатот кој велат дека: Насилството врз жените е демоде тема која одамна е надмината. Оваа тема секогаш е засенета од теми кои некој ги оценува како приоритетни, а никогаш не е во интерес да се говори за тема женски права, доколку се најдеме во период на здравствена, економска и политичка криза.
Кој е пораката? За правата на жените ќе зборуваме тогаш кога сите проблеми ќе бидат решени, или во превод во предворјето на утопизмот. До тогаш женските теми не се важни за општеството и не бараат системски пристап, иако во девалвирачка смисла концелтирана во честа изјава на мажи „сите жени се исти“, секоја од нив е оставена сама на себе да се носи со своите проблеми.
Нормално дека мажите ќе собираат заслуги за своите успеси и добри кариери, бидејќи нив општеството скоро никогаш не ги гледа низ призма на родителство и брак. За еден маж да биде успешен доволно е да придонесува доволно во некоја дејност и да биде најдобар во својата работа. За една жена да биде успешна, таа секогаш треба прво да биде добра мајка, сопруга за пример, на крај да има и професија, но задолжително зад успешна жена треба да стои нејзиниот маж, секако ако е чесна, ако е нечесна, нејзиниот успех се препишува на сметка на тоа што (се претпоставува) е нечија љубовница.
Жената нема право да има статус кој го обезбедува нејзината професија. Дури и да се споменува тој статус од професијата, тој е само секундарен статус. По сите параметри можеме да заклучиме дека да се зборува за успешна жена е скоро невозможно и тоа не е проблем со кој се соочува само жената на Балканот, на Истокот, или црната жена. Тоа е универзален женски проблем.
Жените и во 21 век, својата борба главно ја фокусираат против насилството, другите женски теми скоро и да не се во јавниот опсег. Треба да помине уште многу време да почнеме да зборуваме за задолжителен безболен пород, за бременост која е олесната со разни типови медикаменти, за медицинско олеснување на постпородниот период и сето тоа во време кога пресадувањето на органи е секојдневна реалност, а се прават сериозни медицински исчекори секој ден.
Женските теми не се привлечни ни за медицинските лица. Лекарите и владите немаат интерес да вложуваат во женската медицина, а и зошто би, кога жените може да се породат на стар и добропознат начин – како што се породувала и библиската Ева. Ништо нема да и се случи, освен тоа што толку голем интензитет на болка засекогаш ќе ги промени нејзините психолошки состојби и организмот.
За на свет да донесе едно дете, на жената и е намалена ефикасноста 9 месеци пред породувањето и најмалку 9 месеци по породувањето. Таа е буквално врзана за домот, за креветот, wc школката и во целата агонија мора и да ги обезбедува потребите на своето новороденче.
Зборувајте ми за кариерно напредување во тие скоро 2 години намалена ефикасност на работа поради бременост и породилно отсуство? Жените и мажите не се еднакви и се помали се огледите дека некогаш ќе станат. Не заради тоа што имаме различна биологија, туку затоа што општеството нема свест за специфицираните потреби кои се родово засновани.
Да се биде жена, не е исто што и да се биде маж и општеството не смее да поставува критериуми за вреднување на нечиј успех само низ призма на машките потреби и можности. Жените не смеат да си дозволат себе да го оправдуваат својот активизам за женските права и во 21 век уште да зборуваат зошто е важно да говориме за родово-базирано насилство. Активизмот треба значително да се интензивира и прошири и на други теми.
Автор: Магдалена Стојмановиќ