Дел од пекарниците најавуваат дека од утре, 1 декември, граѓаните ќе може да купуваат леб и за 32 денара. Во наредниот период, како што велат за МИА, ќе има корекција и на цените на другите пекарски производи, веројатно за околу 10 проценти.

Снижувања за над 10 отсто се можни и кај месните производи доколку Владата донесе одлука со која би се укинале давачките на увозните суровини, како што бараат компаниите од овој сектор. Намалени цени во декември не може да се очекуваат кај млечните производи кои, според преработувачите, ќе бидат поевтини од јануари.

Ова се ставовите на претставници од прехранбената индустрија кои од утре, преку „ЕСМ продажба“, треба да добиваат струја по субвенционирана, фиксна цена од 80 евра за мегават час.

Компаниите ја поздравуваат мерката како почеток за целосно решавање на проблемот во нивната индустрија. Сметаат и дека регулираната цена на струјата, комбинирана со мерката за маржите во малопродажбата, ќе даде ефект.

Мелничарите и натаму се на ставот дека со активирање на стоковните резерви би се постигнал поширок бенефит. Посериозна стабилизација, пак, на цените кај млечните производи, како што оценуваат од млечната индустрија, може да се очекува само ако им се даде поевтина струја и на фармерите.

Можеме да соопштиме дека од утре, 1 декември, граѓаните ќе може да имаат леб по подостапна цена од 32 денара, а во наредниот период, по пресметките, ќе се направи корекција и на цените на другите пекарски производи која би била за околу 10 проценти во овој сектор. За да можеме уште повеќе да излеземе во пресрет на потребите на граѓаните, а воедно да не ја загрозиме ликвидноста на компаниите, сметаме дека активирање на стоковите резерви е мерка со која би се постигнал поширок бенефит. Според информациите кои ги имаме за залихите со кои располагаме како држава, треба да е доволно и за овој период, а не би требало да има поголеми проблеми и наредната година, бидејќи Србија од каде се прави најголемиот узвоз има доволни количини. За трендот на движење на цените на пченицата не може однапред да се дадат подолгорочни прогнози, бидејќи се работи за берзански производ и зависи од пошироките глобални движења и случувања, изјави за МИА потпретседателот на Сојузот на стопански комори (ССК) и претседател на Агро-бизнис комората, Горан Ѓорѓиевски.

Според Стопанската комора на Северна Македонија, млечните производи што ќе се произведуваат од 1 декември натаму, со евтина струја, ќе се продаваат по Нова година.

 

ИЗВОРРаботник.мк
претходниот член,Најљубезниот и најгостопримлив град за туристи
Следната статијаПрогресивни мажи на столетијата и библиски Еви од пештерата

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде