Приходите на Фајзер во 2021 година беа 81,3 милијарди долари, што е за 95 отсто повеќе од претходната година, кога приходот беше 41,65 милијарди долари.

Минатогодишниот профит на американската компанија беше близу 22 милијарди, додека во 2020 година беше 9,2 милијарди долари.

Фајзер постигна убедливо најголем раст на приходите со тргување со вакцини против КОВИД-19. Доколку не се вклучат приходите од продажба на вакцини и лекот Паксловид, кој се користи за лекување на Ковид, растот на приходите би бил околу шест отсто, се вели во финансискиот извештај за претходната година.

Компанијата заработила 6,6 милијарди долари од продажба на вакцини во 2020 година, а во текот на 2021 година речиси седум пати повеќе или 42,6 милијарди долари.

Минатата година беа произведени околу три милијарди дози од вакцината Comirnaty, што е официјалното име на вакцината против коронавирус што Pfizer ја произведува заедно со BioNTech.

Според извештајот, двете компании го делат профитот од вакцината на половина.

Фајзер проценува дека во 2022 година ќе заработи меѓу 98 и 102 милијарди долари, од кои само приходите од вакцината против корона и паксловид ќе бидат вкупно 54 милијарди долари.

Имено, очекувањата на компанијата се дека ќе заработи 32 милијарди долари од продажбата на вакцината против Ковид-19 оваа година, врз основа на веќе потпишаните договори заклучно со јануари.