Кутија цигари во Србија во наредните денови ќе поскапи за 10 динари поради редовно усогласување на акцизите. Новиот ценовник за некои брендови ќе почне да важи веќе од 31 јануари, додека останатите tutnari ќе почнат да ги применуваат неколку дена подоцна.

Најевтиниот пакет на одредени производители сега ќе чини 290 динари (околу 150 македонски денари), а најскапите 570 (300 ден.).

Издвоени се оние што најмногу ги користат граѓаните во Србија, а ќе чинат вака: „Ронхил слим“ скокна на 360 (189 ден). Пакување „ротманс“ наместо 300 сега чини 310 динари (162 ден.). „Пал Мал“ оди на 320 (168 ден.). „Лаки страјк“ ќе чини исто, а Blue 100’s од истата марка ќе чини 330 динари (173 денари). „Дрина“ (DRINA denifine) чини 310 динари (162 мк ден), колку и „дива“. Winston XStyle LONG BLUE чини 330 (173). Winston 100’s Red (златна) 340 (178). Camel blue 100s исто 340 динари. Pall Mall (Silver 4) 320 (168 ден.) итн…

Се предвидува конкретната акциза да се зголеми за 1,5 динари по пакет до крајот на 2025 година. Заедно со него се наплаќа и пропорционална компонента на оваа давачка од 33 отсто од цената на цигарите, а на тоа се додава и ДДВ.

До 2025 година претстојат уште седум планирани зголемувања на акцизите за да се постигнат стандардите договорени со ЕУ.

Инаку, до 2025 година нивото на акциза во Србија по кутија цигари треба да достигне најмалку 1,8 евра.

Во среднорочниот план се предлага конкретната компонента на акцизата да се зголемува за 1,5 динари по пакет на секои шест месеци.

Измени се предложени и во начинот на пресметување на акцизата на незапалив тутун, кој се почесто се користи како замена за цигарите, со цел да се намали разликата меѓу акцизата на тој производ и акцизата на цигарите.

Во Србија акцизата на незапалив тутун е 6,76 отсто од малопродажната цена, а во ЕУ е од 11,08 отсто во Холандија до 51,04 отсто во Франција.

Се предлага и акцизата на течноста за полнење електронски цигари да се зголемува за 1 динар по милилитар секоја година на среден рок до 2025 година.