Човек секојдневно прави избори, затоа нема да ни е тешко да се сетиме кој беше нашиот последен избор. Мојот последен избор беше утрово.
Имав можност да изберам да пијам еспресо, макијато или нес кафе пред да ми започне работниот ден. Направив избор да пијам нес кафе. Иако изборот веќе e направен и јас не можам да го вратам времето и да го променам, од моментот кога го испив кафето досега, направив ревизија на мојот избор многу пати.
Мојата одлука да пијам нес кафе наместо еспресо или макијато се должи на препознавање на вкусовите. Повеќе сакам сладок вкус, мирис на млеко, мојот организам повеќе прифаќа „лајт“ варијанти на кафе, дигестивниот систем не ми се оптоварува кога пијам нес кафе и многу други причини ме наведуваат да го направам тој избор.
Но, малку е веројатно дека причините за правењето токму на тој избор можам да ги променам. Тие се условени од генетиката, срединските фактори во кои сум пораснала, вкусовите кои ме асоцираат на детството, искуствениот материјал во мојот ум и сл.
Ќе се сложите со мене дека сите овие фактори се скоро неменливи, а учествуваат и во можеби најмалку важната животна одлука, а тоа е какво кафе ќе се напијам наутро.
Нашите одлики покрај тоа што се детерминирани, тие имаат и последици. Во етиката, стојалиштето според кое изборите и одлуките треба да се просудуваат во согласност со увидот во последиците кои произлегуваат од нив, се нарекува консеквенционализам.
Мојата одлука да испијам нес кафе наместо еспресо, се должи на последиците кои ги предизвикува едниот односно другиот тип на кафе врз мојот организам, расположение, срцеви отчукувања, уживање во вкусот додека го пијам кафето. Тоа доволно покажува дека освен причините, во носењето на одлуки се водиме и од последиците што ги предизвикува нашиот избор.
Познатиот дански егзистенцијален мислител Сорен Киркегор во едно од најпознатите негови дела „Или-или“ говори за критериумот по кој човекот ги прави животните избори и ги носи животните одлуки.
Симплифицирано и сублимирано, тезата на Киркегор е дека човекот прави избори, но тие не се ниту исправни, ниту погрешни. Неговите избори немаат големо влијание врз неговата егзистенција, бидејќи егзистенцијата е обликувана од универзални категории како: каење, смрт на ближниот, конечноста на животот, чувството на вина и сл.
Во делото „Или-или“ Киргегор, дури и со доза на духовитост која произлегува од сликовитото доближување на апсурдноста на изборот, ќе забележи „Ако се ожениш, ќе се каеш. Ако не се ожениш, пак ќе се каеш. И да се ожениш и да не се ожениш, секако ќе се каеш“.
Во оваа реченица Киркегор ја етаблира својата теза, имено дека тоа што ќе избереш нема да го промени фактот дека ќе се каеш, бидејќи каеењето е дефиниција на човечката егзистенција, а не неговите избори и одлуки.
За разлика од Киркегор кој во својата теорија признава дека човекот е слободен да прави избори, но тие не може да се квалификуваат ниту како исправни, ниту како погрешни, Сартер смета дека човекот не е слободен да прави избори и да носи одлуки.
Имено, во делото „Битие и ништо“ Сартер забележува дека покрај тоа што човекот е временито битие како што смета и Хајдегер, тој е битие за другиот. Во принцип ние не носиме одлуки и не правиме избори бидејќи постојано сме насочени кон другиот, а тој, другиот ги дефинира границите на нашите избори и затоа го претставува симболично нашиот пекол.
Дури и изборите да постојат тие не се ниту погрешни, ниту исправни. Изборите се случуваат во временитоста и сегашниот момент и само модусот на временитоста може да ги релативизира.
Во моментот кога го правев изборот да се напијам нес-кафе утрово, одлуката ја направив во актуелен момент без многу размислување. Но сега, таа одлука е веќе минато и можам да ја преиспитувам и релативизирам. Истото важи и за правење на избори во иднината.
Ако сум донела заклучок дека еспресото сепак побрзо ме „буди“ во иднина ќе се одлучам да се напијам еспресо. Но во сегашноста не постои одлука и избор. На едно дејство се гледа како на одлука или на избор само од перспектива на историјата и перспектива на иднината.
Сегашноста е бесконечно течение кое полека или побрзо, го носи човекот кон нови есгзистенцијални состојби – старости, болести, смрт и други конечности. На крајот од секој човек, останува она што него може да го надживее, а тоа е обично албум со слики!
Автор: Магдалена Стојмановиќ