По две рунди преговори падна договор. Македонските пензии ќе се зголемуваат по швајцарски модел два пати годишно.

Растот на процентот ќе биде условен од растот на просечната плата и трошоците за живот, соопшти премиерот Димитар Ковачевски по втората средба со претставниците на сојузот на пензионерите и нивната партија.

Претставниците на пензионерите се задоволни од одлуката со коментар дека владата повеќе нема да одлучува за нивните пензии туку постојан механизам. Но, колкава ќе биде стапката на покачување никој од напред нема да може да знае со оглед дека просечната плата и трошоците за живот постојано се менуваат така што останува непознато и колкав финансиски товар ќе биде тоа за буџетот.

Освен покачување повеќе од 300 илјади пензионери ќе добијат и надоместок од по илјада денари во наредните три месеци како мерка за ублажувањето на енергетската криза.