На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје денеска и утре е првиот рок за пријавување за упис во прва година во академската 2022/2023 година за кандидатите кои се рангираат само според успехот од средното образование.

На 15 и 16 септември е вториот и на 28 септември – третиот рок. За оние кандидати кои покрај успехот од средното образование се рангираат и според проверка на знаења и умеења, првиот рок за пријавување беше на 25 и 26 август, вториот е на 14 и 15 септември и третиот рок на 28 септември.

Според конкурсот за запишување на додипломски студии во учебната 2022/2023 година, на Скопскиот универзитет се слободни 10.918 места.

Од нив, 5.306 места се за редовни студенти во државната квота кои плаќаат годишна партиципација од 200 евра. За редовни студенти кои ќе плаќаат школарина од 400 евра се наменети 4.522 места и 1.090 места за вонредни студенти.