По едномесечна пауза поради новиот бран на „Ковид-19“, Израел ќе ги отвори вратите за групи странски туристи на 19 септември, соопштија властите во неделата.

Благодарение на забрзаната кампања за вакцинација во текот на зимата, еврејската држава го отвори најголемиот дел од својата економија во пролет, и во мај им дозволи на групи странски туристи да влезат во согласност со здравствените протоколи.

Но, властите ја суспендираа програмата на 11 август поради ново зголемување на бројот на случаи поврзани со делта варијанта на коронавирус, особено кај невакцинираните.

Минатата недела, кога започна новата учебна година, земјата објави рекорден број, 11.000 заразени дневно. Тој број се намали на 4.975 во саботата, објави Министерството за здравство, истакнувајќи дека бројот на тешки случаи исто така опаѓа.

Министерството за туризам објави дека од 19 септември туристички групи од пет до триесет лица ќе можат да влезат во Израел, освен оние што доаѓаат од земјите на таканаречената црвена листа, во која во моментов се Бразил, Турција, Бугарија и Мексико.

Властите сe уште не објавија кога Израел ќе биде отворен за индивидуални туристички посети.

Нема ограничување за бројот на странски групи што можат да влезат во Израел, се вели во соопштението на Министерството за туризам, во кое се вели дека од мај до август „повеќе од 2.000 туристи влегле во земјата, претежно од САД и Европа“.