Во меѓувреме, во тек е скринингот за имунитетот на граѓаните во Скопје и во другите градови, а продолжува и скринингот во училиштата.

Според информациите од Министерството за здравство до крајот на неделава се очекуваат првични податоци за серопреваленца во Скопје, а од следната недела и за другите градови од државата.

Од Министерството за здравство соопштуваат дека дополнително, по обработка на податоците, јавноста навремено ќе биде информирана за наодите, како и за останатите аспекти од текот на скринингот.

Деновиве, исто така се очекува Генералниот координативен кризен штаб и Владата да се произнесат за двете мерки предложени од Комисијата за заразни болести.

Мерките се однесуваат за укинување на ПЦР тестовите, потврдата за прележаност или потврдата за вакцинација при излез од земјата и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени.

Во врска со првата мерка која се однесува на укинувањето на задолжителното поседување негативен ПЦР тест или потврда за прележаност или вакцинација при излез од земјата, портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ информираше оти тоа не значи дека во земјите каде се бара ПЦР тест или КОВИД-сертификат, нема да се бараат, туку дека мерката се укинува при излез од земјава на нашите гранични премини.