Истражувањето спроведено на мала група луѓе сугерира дека парите навистина можат да купат среќа – барем за шест месеци.

Иако познатата народна поговорка вели дека „среќата не може да се купи со пари“, се чини дека еден неодамнешен експеримент покажа поинаку. А, се знае и колкава сума пари е „доволна“ за луѓето да бидат среќни.

Една студија објавена во списанието PNAS ги проучувала „ефектите“ од давање паушална сума од 10.000 долари на 200 луѓе од 7 различни земји.

Парите, кои дошле од двајца анонимни богати донатори, биле дистрибуирани на PayPal преку партнерство со организацијата TED.

Учесниците кои ги добиле парите имале задача да ги потрошат во рок од три месеци и да водат месечна евиденција за тоа колку се среќни. Во меѓувреме, евиденција воделе и стотина луѓе кои не добиле пари.

Истражувачите ја „мереле“ среќата со тоа што луѓето ги рангирале колку се задоволни од својот живот на скала од 1 до 7, како и колку често доживуваат позитивни и негативни чувства, на скала од 1 до 5.

По три месеци, очекувано, групата која добила 10.000 долари пријавила повисоки нивоа на среќа од оние кои не добиле пари, што се повторило и по следните три месеци. Сепак, забележано е дека една група луѓе не забележала промена во позитивните чувства.

Станува збор за луѓе чиј приход бил 123.000 долари годишно. Нивното ниво на среќа останало исто и откако ги добиле овие 10.000 долари.

Инаку, вреди да се спомене дека експериментот е спроведен во три земји со ниски приходи – Индонезија, Кенија и Бразил и во четири земји со високи приходи – Обединето Карлство, САД, Австралија и Канада.

Учесниците од земјите со низок приход пријавиле повисоки нивоа на среќа, додека обратното било во земјите со високи приходи.

Десет илјади долари на одредени места низ светот навистина можат да ви купат многу. Некои луѓе потрошиле многу пари за да ја исплатат хипотеката или да ја реновираат својата куќа, рече коавторот на студијата, Рајан Двајер, кој го спровел истражувањето како доктор на науки.

Учесниците забележале како ги трошат парите, но истражувачите сè уште ги анализираат податоците за да видат до кој тип на трошење довело кога биле најсреќни.

Отпрвин, учесниците во студијата не знаеле за што се пријавуваат. Во декември 2020 година, TED ги поканил луѓето на Twitter да се пријават за „мистериозен експеримент“, кој е „возбудлив, изненадувачки, малку одзема време, можеби стресен, но веројатно и животоменувачки“.

Неколку месеци подоцна, избраната група добила инструкции, каде што им било кажано дека ќе добијат 10.000 долари.

Двајер, исто така, истакна дека мисли дека поголемите суми – како, на пример, неодамнешниот џекпот на лотаријата Powerball од 2,04 милијарди долари – ќе донесат уште поголемо зголемување на среќата.

Луѓето кои добиваат на лотарија се посреќни многу, многу години подоцна, заклучи тој.