Василие Поповиќ – Цицо (роден во Скадар, Црна Гора 1914-1962) е еден од основоположниците на сценографијата на Македонскиот народен театар и современата македонска уметност, кој се појавува како вешт мајстор во повеќе домени во уметноста.
Тој е еден од оние автори кои трпеливо го обработуваат секој детал од платното, располагајќи со впечатлива фантазија која најадекватен израз наоѓа токму во карикатуралната нарација. Станува збор за ликовна вредност низ којашто евидентна е авторската интенција да се поврзе со една надреална поетска метафора која се одликува со јасност, светлина и чистота.
Појавувајќи се како креатор на карикатурата во едно темно време на војни Цицо остава еден широк спектар на скици, цртежи за сценографија и костимографија, акварели, карикатури, слики, портрети и сл, во кои во центарот на вниманието секогаш е човекот со своите маани и доблести.
Станува збор за едно студиозно проучување на фигурата која ја обработува во духот на надреализмот, со извесна ведрина и хумор на презентирани личности од неговиот живот што се надоврзува на неговата љубов кон прифаќање на луѓето онакви какви што се, посматрајќи ги како крајно несовршени.
Таков пример се карикатурите – портрети исполнети со доза на страв, слабост, суровост и апатија, но и весели, среќни, бестрашни и храбри, за кои може да се каже дека една таква ликовна дисциплина својот почеток и мајсторство го има во делото на Василие Поповиќ – Цицо.
Во својата богата збирка тој внесува ликови на познати македонски творци од сите области на уметноста – литературата, поезијата, театарот, поезијата, режисери, драмски уметници и итн. При обработка на портретот – карикатура првично внимание посветува на доловувањето на карактерот на претставениот лик, на негово што поживо и поверно прикажување.
Притоа, психолошки навлегува и ги отсликува со исмевање човечките недостатоци и парадокси. Често во фокусот на интересирање се пороците и навиките на човекот; суетата, лицемерието, полтронството, гротеската и сл. Така на пример, во контекст на карикатуралното сликарство Виктор Иго потврдил:
Гротеската игра значајна улога во модерна смисла. Од една страна, таа ужасно безобличува и искривоколчува, а од друга страна таа создава комичност и лакрдија. Таа ги привлекува уметниците кои се интересираат за натприродното и религиозното, но и поетите со сликовита имагинација.
Лесно препознатливи во авторската изведба, скелетот на неговата креација е цртежот кој има важна улога во неговата карикатура. Она што е својствено за неговиот стил е идејата да го направи посатиричен цртежот, а тоа го постигнува така што го дополнува со боја која често е вжештена и отворена без посебен сопствен валериски интензитет.
Во зависност од интерпретираните содржини, цртежот во карикатурата на Цицо се движи од скицуозно набележување на идејата, преку меко конципирање на цртежот до лесно барање на ликовност, што е мошне необично за разновидноста и широките изразни можности на современата карикатура.
Всушност, умее духовито, минуциозно и смело да го дообјасни и да го дооформи портретот со карикатурално индивидуално интерпретирање на соодветната дејност и област со која се занимава претставената личност. За создавателската снага и оригиналност за своето „себепронаоѓање” говори податокот дека најголем дел го остварил во работата како професор за декоративно цртање во Државното училиште за применета уметност Лазар Личеноски во Скопје, каде што се бавел со изработка на пропагандни ликовни работи кои се во сопственост на неговата ќерка (избори, описменување): изработка на значки, амблеми, акварели, разни скици и сл., а како посебен придонес во македонската литература е неговата изработка на илустрации и обработката на првиот македонски буквар.
Со леснотија успева да го објасни посериозно пристапот на карикатурата преку нејзините ликовно-содржински компоненти: сликарски, цртачки, фотографски и графички елементи, колаж и апликација, но и содржаен опус од духовити решенија, задржувајќи ја притоа својата особеност. Вешто испреплетените современи и вонвременски стилови (магичен реализам, кубизам, надреализам) се должат на неговиот неограничен дух во откривањето на нови хоризонти и светови, кои во бескрајна перспектива се мултиплицираат во недоглед.
Техничката, минуциозна, прецизна и точна математичка пресметка во нацрт плановите на сценските решенија за театарските претстави е константна негова одлика, одбирајќи боја и композиција според своите суштински замисли и содржини, кои идеално се вклопуваат во целокупниот краен исход на скицата.
Василие Поповиќ-Цицо е скромна, но снажна и сестрана културна личност која на нашето поднебје, но и пошироко, остави длабок печат занимавајќи се со повеќе уметнички правци и тоа: сликарство, поезија, карикатура и стручни активности.
Покрај учеството на многубројни самостојни и групни изложби во земјата и во странство, освен што е добитник е на многу награди за особен придонес и развој на појавата на карикатурата како нов ликовен израз во нашата земја, остави силен печат како посебно добар цртач со усет за доловување на човечкиот карактер.
Автор: Марија Стојческа