Доколку сакате да посетите некоја од земјите членки на Европската Унија, од мај 2023 година ќе треба да издвоите дополнителни 7 евра.

ЕУ соопшти дека тогаш ќе стартува Европскиот систем за патнички информации и авторизација (ЕТИАС) со кој за сите граѓани од земјите кои безвизно можат да патуваат низ Унијата, ќе биде неопходно пополнување електронска апликација за детална безбедносна проверка.

Според најавите оваа апликација ќе се пополнува едноставно, онлајн, за 10-тина минути, а со оваа процедура ќе бидат опфатени околу 60 држави низ светот, меѓу нив и Македонија.

За оние држави на кои досега им беше потребна виза за влез во ЕУ, постапката останува иста. Од пополнување на овој систем се ослободени жителите на ЕУ, кои имаат можност слободно да патуваат низ Унијата.