Иако од 1ви Јануари 2022 година, Министерството за труд и социјална политика и Владата објавија дека донеле важна одлука за заштита на работничките права со носење на новите измени на Законот за работни односи со кои се предвидува недела да стане неработен ден за повеќе од 90% од вработените, сепак и овој закон како и останатите не се спроведува и почитува во пракса. 

Одредбата недела да е слободен ден за повеќе од 90% од вработените со исклучок на трговците во моловите и туристичките места, континуирано претрпува промени по барање на специфични работнички групи.

Со првичната одредба беше предвидено, работниците кои работат во недела да добијат најмалку 50% плус на вообичаената дневница, но потоа на барањата да им се дозволи работа во недела им беше дозволено да работат на угостителите, трговците од туристичките места, но и на занаетчиите.

Со новите барања опсегот на групите за кои е предвиден исклучок од одредбата неделата да биде слободен ден за работниците, се повеќе се шири.

Најголем број од работодавците покриваат минимален надоместок на дневница за работа во недела 

Иако законот предвидува минимален надоместок од 50% дополнително на основната дневница, најголем број од работодавците го покриваат само минималниот износ зголемувајќи им го работното време на работниците со што дополнително се придонесува за работничка експлоатација.

Дополнението на основната дневница за работа во недела не го опфаќа и вишокот на часови кои работникот ги исполнува во текот на целата работна недела.

Дополнителен проблем е тоа што најголем број од работниците кои работат во недела работат за минимална плата која изнесува 18.000 денари.

Нивната дневница е минимална, што значи дека 50% од дневницата како дополнување за работа во недела е незначителен придонес за вкупната плата. Дополнение од 300 до 350 денари на вкупната дневница се немотивирачки суми за работниците.

Ниската мотивираност на работниците значително придонесува за ниската продуктивност поради што страдаат и компаниите. На крајот од пресметката поради дополнителна експлоатација на загуба се и работниците, но и работодавците.

Работници кои работат без покачување на дневницата

До нашата редакција стигнаа поплаки од работници кои работат и без покачување на дневницата при работа во недела. Тие тврдат дека компанијата не ги запознала за покачувањата за работа во недела.

Поплаки најмногу се адресираат на сметка на компаниите за обезбедување на трговските центри кои работат во недела. Работодавците се повикуваат на отстапките од законот кои предвидуваат дека работодавецот може да ја организира работата на работниците во согласност со условите на компанијата поради што не им исплаќаат дополнителни покачувања на работниците согласно законот.

За дел од пријавените компаании, работниците тврдат дека имаат силен социјален капитал во интитуциите надлежни за спроведување на истрага и инспекциски надзор поради што заштитата на работничките права секогаш паѓа во втор план.

Ние работиме без покачување на дневницата во недела, никој од компанијата не не информира дека имаме права на повисока дневница. Правната служба постои само кога треба да се санкционираат работниците и да се казнуваат на плата, а ако им побарате покачувања, тие се правдаат дека фирмата нема средства. Голем број мои колеги не се ни запознаени со своите права, а правната служба работи за интерес на работодавецот, а не на работникот. Тие правници што работеа за интерес на работникот, ги бркаа од работа, изјави Александар Ѓ. вработен во една компанија за обезбедување.

Компаниите трпат голема загуба поради немотивирани вработени

Компаниите се во големи загуби поради немотивирани вработени кои се свесни дека трудот им се експлоатира. Покрај експлоатацијата на трудот и ниската мотивираност, работниците често запаѓаат и во хроничен умор и во состојба на „прегрејување“ поради што многу малку можат да придонесат во компанијата.

На тој начин работодавецот наместо да го зголеми профитот, работи со минимална заработувачка и настанува магичен круг. Работодавецот нема доволно профит, компанијата веќе нема средства да им исплаќа повеќе пари на вработените, а вработените се демотивираат, го напушаат работното место, се случува честа смена на вработени, а обуките на новите вработени често се голем трошок барем во периодот додека тие не се оспособат за самостојна работа.

Поразителен е и фактот што голем број на млади луѓе во Македонија работа менуваат дури на 3-4 месеци, што покажува дека не се задоволни од условите во компаниите, но и компаниите кои ги вработуваат трпат голема штета. Само што обучиле кадар, остануваат без него.

Голем е и бројот на компааниите во чиј состав на вработени немаат значителен број на работници кои работат подолго од 3 години, што укажува на лошо менаџирање на компанијата со кадар и понатамошни загуби во кои паѓа компанијата како резултат на честата промена на кадар.