Луѓето кои доживуваат депресивни состојби често имаат проблеми со регулирање на негативните емоции и нивните физиолошки реакции на стрес.

Во такви околности, дури и најпријатните активности можат да станат непријатно искуство. Во минатото, анализите кои вклучуваат сликање на мозокот открија дека тешката депресија е поврзана со промените во волуменот на сивата материја – составена од невронски тела – и белата маса – составена од нервни влакна.

Од друга страна, депресивните нарушувања кои се отпорни на медицински третман се обележани со промени во базалните ганглии и лобусот кој ги обработува сензорните информации.

Една нова студија презентирана на 35-тиот годишен Европски колеџ за невропсихофармакологија во Виена сугерира дека некои од структурните карактеристики на мозокот кои се наоѓаат кај депресивни пациенти се ублажуваат по употребата на одредени терапии.

Резултати по шест недели

Со цел да се испита ефективноста на терапии, научниците подложиле 109 пациенти со депресија на магнетна резонанца. Потоа биле третирани со електротерапија, психолошка терапија или антидепресиви, а во одредени случаи и комбинација од сите три.

Шест недели по првото снимање со магнетна резонанца, на пациентите повторно им бил скениран мозокот. Резултатите „пред и потоа“ потоа беа споредени со мозоците на 55 здрави учесници.

Авторите на студијата откриле дека пациентите со најголеми подобрувања во симптомите покажале најмногу структурни промени во мозокот. По шест недели, поврзаноста помеѓу невроните во одредени делови од нивниот мозок се зголеми, а овие ефекти беа независни од изборот на третман.

Немаме објаснување како се случиле промените, ниту зошто тие реагираат на различни видови терапија, вели психијатарот Џонатан Рапл од Универзитетот во Франкфурт.

Меѓутоа, за време на тестовите тој и неговите колеги добиле впечаток дека електротерапијата дава најголем ефект, но бидејќи оваа метода носи и најмногу несакани ефекти, научниците се уште се обидуваат да го пронајдат најуспешниот режим на лекување.

Исто така, откриено е дека антидепресивите се поврзани со невро-обновување во хипокампусот и префронталниот кортекс и електротерапијата со изменета мозочна активација во префронталниот кортекс и прекунеусот, што е поврзано со менталната слика и меморија.

И покрај тоа што се базирани на докази, овие третмани за депресија не се секогаш подеднакво ефикасни, ниту пак нужно доведуваат до исти нивоа на структурни промени во мозокот кај секој пациент.

Мозокот е неверојатно сложена структура, а човечките емоции се прилично сложени сами по себе. Иако се уште има многу непознати на ова поле кои треба дополнително да се истражат, научниците веруваат дека овие резултати им даваат надеж на пациентите кои веруваат дека ништо не може да се промени и дека мора засекогаш да живеат со својата болест.