Еден од доајените на македонското акварелно сликарство, препознатлив по својот активен уметнички темперамент и плодна творечка работа е Вангел Наумовски (роден во село Скребатно, Охрид 1924-2006). Имено, станува збор за уметник чии творби спаѓаат во доменот на нефигуративното со специфична апстрактна лиричност што се провлекува низ сите негови дела. Одбележувајќи 100 години од неговото раѓање, уште од самиот почеток сосема евидентна е стилско-сликарска постапка која продира во потсвесни, прекрасни, фантазмогорични, магични и жарко обоени светови кои допираат во сферите на надреалното.
Авантурата на создавање на едно дело Наумовски се состои од пренесување на доживеаното со еден наивен и спонтан ликовен јазик на органски неправилни форми кои во акварелната техника е мошне тешко да се доловат, поради неможноста за корекции, како и барање на брза и сигурна рака и концепт. Со суптилен замав креира своевидни со богат звучен колорит галактички и подводни визуелизации на тн сложени организми кои се развиваат по сопствена развојна креативна логика. Чинот на создавањето е пресуден, и затоа како мерило или критериум за успешноста на насликаното дело е квалитетот и времетраењето на концентрацијата, односно на занесот и полетот што бараат да бидат непосредно изразени. Тоа е сентименталноста и детската опиеност во која се втопува избраниот мотив, поетично-носталгична интонација што целата површина на платното ја исполнува со богато колорирани партии, емотивна исполнетост и страст.
Во симболиката на боите кои Вангел Наумовски ги употребува може да се дефинира неговиот ведар, игрив, спонтан и детски дух, потаму преку боената звучност се открива уметничката метафизичка длабочина и внатрешен ритам така што сликарската целина пулсира во сиот свој магичен и фантастичен свет. Неговото живо и пулсирачко ткиво е причина за многу расположби од кои прави обид да се дистанцира, одредувајќи се за своја автентична интерпретација чија основна караткеристика е светот на интимноста и наивноста. Во тој измислен свет го развива суптилниот регистар на интимни чувствувања главно преку пределот и формите од природата. Во својата несопирлива калиграфска минуциозност во изведбата, како и по широките проникнувања на светлоста низ целата слика може да се открие лирска и апстрактна сликарска слобода што кулминира во енергични сензации и ритми.
За него Салвадор Дали вели дека е „сликар од бајките”, а Борис Келемен вели дека Вангел Наумовски е „своевидно чудо што не е слично на ништо”.
Поетските слики на Наумовски со виртуозен потег го интерпретираат светот на сонот и јавето, чудесниот свет на езерото и космосот, царството на флората и фауната, галаксијата, убавините на охридските нимфи („Космичка катедрала”, „Виорна вселена”, „Бисери на младоста”, „Бесконечна спирала”, „Зелена оаза”, „Жена во градина“ и др.). Во неговиот имагинарно-асоцијативен свет се откриваат фигури на девојки или форми кои го опкружуваат самиот уметник, со цел успешно да постигне хармонија и музички созвучја проникнати од неговата интима.
Во неговиот фантастичен реализам, и покрај лирската инспирација, големо внимание обрнува на техничката изведба и на линеарно-колористичкиот ритам со кој гради единствена арабеска на делото како своевиден печат. Воедно, Вангел Наумовски со експресивните својства на тонски градираниот колорит и на разбрануваните биоморфни форми сугерира воопштена драматичност која остава белег на македонското ликовно поднебје и пошироко.
Автор: Марија Стојческа