Во вчерашната изјава на Заев за бугарска телевизија, во која во основа се поставува тврдењето дека Бугарија ги ослободила Куманово, Крива Паланка и Скопје од фашистите и дека Бугарите се врвот на антифашизмот за Македонија, нема апсолутно ништо лошо. Изјавата е сосема на место, доколку ја искаже некој човек во делириум, запоседнат од црна магија, со исушен мозок од тревка, или изјава на човек од Бардовци.
Изјавата сама по себе не е спорна, не е спорно ниту тоа што ја изјавува психолошки профил со личносен интегрирет како Заев, но многу е спорно што токму таа изјава и токму нејзиниот „автор“ е носител на највисоката политичка функција во Македонија.
Како и секогаш најголем број од реакциите во јавноста се типични за луѓе со итарпејовски синдром, повеќето реагираат со мајтапење, со исмејување на изјавата, со неверување колку мора да е глуп тоа некој да го изјави, така додека си се смееме, Заев успешно си ја турка својта политика во која за 5 години владеење успеа да сруши се што сме граделе како култура, историја, нација и држава со децении и векови.
Не беше одамна кога со куртони полни боја го рушеше режимот, во истиот поход продолжи само да руши, се до Архимедова точка, прашање е и дали таа ќе остане. Ама важно ЕУ ни се смее на ист начин како што ни се смееше во изминатите 20 години. Нема никаква разлика, ниту сме подалеку, ниту поблиску до ЕУ, само толку ни се испрани мозоците со владината кампања за ЕУ што веќе станавме убедени дека навистина сме на чекор, само уште на Бугарија да и дадеме и ќе дојдеме до позиција.
Навистина не е проблем што Заев и Бојко си прават во своето слободно време и колку е близок нивниот однос, може да си ги задоволуваат суетите до бесконечност, ама не може Заев да пуши со устата на колективот, на целиот македонски народ, бидејќи изјавите кои ги дава се во својство на премиер на оваа држава, не во својство на Зоки од Муртионо кој светот го разбира во модифицирана верзија на Делчев „један му ушао, други изашао и со сите е кул строго – одозгора на тога“.
Природната реакција која народот треба да ја покаже сега е гнев, лутина и бес и да му порача – Не смееш да си играш со нашите национални интереси ставен одозгора на тога и да одговара за насилно променето име што го трампаше за сигурен влез во ЕУ кој уште не дочекавме да го добиеме. Факт е дека имаме ново уставно име и факт е дека не сме држава членка на ЕУ, колку што е факт дека тој што го прокоцкал заедничкиот интерес треба да се стави на бесилката на одговорноста.
Нормално е народот да очекува раѓање на лидер од оваа ситуација и да се свртува кон опозициските лидери, ама повикот на Мицкоски е толку апатичен што народот не може да го извади од зона на пасивност. Како да му верувате на човек кој 20 пати си ги преиспитува изјавите откако ќе ги каже, како да му верувате на човекот кој сам себе не си верува додека ви говори вам?! Апасиев успешно го острастува народот, го има тој капацитет да индуцира потреба за движење, но не предлага конкретна акција што ние како граѓани треба да ја направиме за да издејствуваме „ПРАВДА“.
Хипизмот на Заев е отиден во целосно лудило, ќе погинеме од тоа што не куртулуваме од убаво, се е во ред, со сите сме добри, нема минатото да ни ја загрози сегашноста, сите ќе пушиме легализирана тревка пред децата во јавни објекти, ќе пиеме алкохол, нема да не казнуваат за секс на јавно место, оние што погинале за македонската кауза не треба да се пречка, мртва уста не зборува а за идеале гину будале, е од прилика ставот на Зоки од Муртино. И во ред нека му биде, ама по дома, се надвор од тоа, особено искажано во својство на премиер е проблем, ако не е, мора да стане проблем, голем, ама решлив, само треба да се решиме. Историјата покажа дека ниту Чаушеску не е поголем од силата на народот, иако сиот свој живот беше убеден дека е!
Ако македонскиот народ го чекаше вистинскиот момент да покаже колку е обединет во својота национална свесност и колку е подготвен достоинствено да ги брани своите интереси, ова е вистинскиот момент. Ако и ова го премолчиме, заминуваме во ништавило со спомен кон единствениот народ, мал и пргав, кој својата држава која некој ја создал со крв, ја даде мирно, спокојно, ладно, баш онака типично како што тоа го прават предавниците!
Автор: Магдалена Стојмановиќ