Лажните вести се продукт на интересите на медиумите да заработат повеќе кликови и да привлечат поголема заинтересираност за нивните содржини.

Тоа секако носи профит.

Лажните вести влијаат врз јавното мнение, но вистинскиот проблем не се лоцира во медиумите, ниту во уредничката политика, туку во некритичноста на публиката.

Во тоталитарни општества, уредникот е тој кој ги филтрира содржините пред да излезат пред светлото на јавноста.

Во демократски општества, каде се гарантира слобода на говор и каде што и лажната вест може да биде одраз на уметничката слобода на говор, единствен филтер треба да го има публиката.

Доколку публиката е добро едуцирана, ги познава логичките правила за утврдување на вистинитост, тогаш лажните вести ќе бидат окарактеризирани како такви и нема да имаат простор да прават понатамошно влијание во јавното мнение.

Публиката има пристап и до вистинити вести, студии, стории, дури и научни списанија кои се онлајн достапни и бесплатни, но вистинското прашање е зошто луѓето имаат потреба да се навлекуваат на „лажните вести“.

Тие им го кажуваат она што сакаат да го слушнат, доволно се шокирачки, имаат ударни наслови, малку текст бидејќи сме мрзливи да читаме повеќе, без извори и можности за проверка на изворите, бидејќи за нас нема ниакакво значење потеклото на она што ќе го прочитаме.

Вината навистина не е во медиумите, за жал, наместо на паметна читачка публика, тие решиле да профитираат на „помалку писмена“ читачка публика.

Состојбата на медиумите ја диктира профитот, а профитот го диктира можност за масовно влијание.

Во превод, ако читате и споделувате лажни вести со охрабрувачки коментари, вие ги одобрувате. Лажни вести постојат само затоа што има луѓе кои сакаат да читаат лажни вести.

Како што убиства постојат затоа што постојат убијци, како што дрога постои затоа што постојат наркомани и сл.

Магдалена Стојмановиќ