Испитувањето на четириесет и осум пациенти во изминатите две три недели покажало дека кај ниту еден не е дијагностициран делта плус сојот на вирусот. Ова го истакна министерот за здравство, Венко Филипче, потенцирајќи дека станува збор за тип на вирусот кој предивикува голем број случаи и хоспитализации во сите околни земји. Сепак, како што посочи министерот, не може да се сопре тој сој на вирусот за влезе во земјата.

Министерот предупреди дека сме соочени со огромен ризик во претстојниот период да имаме нов силен бран на Ковид, и тоа сериозно да ги загрози капацитетите во нашите болници.

Пред почетокот на состанокот со претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија и на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Филипче изрази надеж дека претставниците на синдикатите ќе сфатат колку е важно да се усвојат новите мерки кои ќе се најдат на седница на Владата.

Согласно мерките на Комисијата за заразни болести, се предлага сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа, за да одат на работното место, да прикажат сертификат за барем една доза примена вакцина, направен ПЦР-тест не постар од 72 часа на своја сметка, потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена или потврда дека не можат да примат вакцина поради здравствени причини.

Комисијата предлага и вакцината да биде задолжителна за сите здравствени работници.