Традиционален и добро познат рецепт за мусака е мусака која се прави со компир. Но компирот може да го супституирате со тиквички или модар патлиџан и да добиете сосема нов вкус.

Замената на компирот со модар патлиџан и тиквички ќе го збогати вкусот на мусаката, но и ќе ги зголеми нутритивните вредности на јадењето.

Она што е значајно за нашите домаќинки, е што муската се подготвува побрзо од стандардната мусака со компир, бидејќи на модриот патлиџан и на тиквичките им е потребно помалку време да се зготват.

Потребни состојки:

  • 1-2 тиквички
  • 1 модар патлиџан
  • 300 грама мелено месо
  • 1 кромид
  • 1 морков
  • 1 јајце
  • 1 павлака
  • томато сос
  • маслиново масло
  • зачини по избор

Начин на подготовка: 

Во сад со загреано маслиново масло ставете го исецканиот кромид да се пропржи.

По 2-3 минути додадете го изренданиот морков.

Пржете заедно додека кромидот не добие златна боја, а морковот не омекне и се соедини со кромидот.

Во истата смеса додадете го меленото месо. И пржете на тивок оган околу 5-7 минути.

Во смесата пред да ја тргнете од оган додадете сол, бибер и вегета по избор и добро промешајте.

Тавата подмачкајте ја со маслиново масло.

Дното на тавата наредете го со сецкани тиквички на мали кругови.

Врз слојот со тиквички истурете ја смесата со меленото месо.

Смесата со месо полијте ја со томато сос.

На крај додадете го исецканиот модар патлиџан и покријте ја смесата со месо, редејќи го патлиџанот врз месото.

На крајот изматете цело јајце, заедно со 200 грама павлака. Во смесата додадете малку масло и зачини.

Полијте врз целата тава.

Тавата со наредените состојки ставете ја во загреана рерна на 200 степени и печете околу 20 – 25 минути.

Мусаката се серивра со кисело млеко или павлака.

Пријатно јадење!