Поголемиот дел од напредокот на Украина во ЕУ реформите е постигнат затоа што народот ја има Европа во своите срца и своите умови, истакна претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во нејзиниот говор на десеттиот „Атински демократски форум“, додавајќи дека истото важи и за пријателите во Албанија, во Македонија и низ Западен Балкан, како и за Молдавија и Грузија, кои исто така побараа да се приклучат на ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.

Фон дер Лејен детално говореше за демократијата и демократските вредности, истакнувајќи дека со рускиот напад врз Украина се води „војна на автократијата против демократијата“, но и изрази длабоко убедување дека „демократијата ќе надвладее“. Таа нагласи и дека низ Европа дува ветерот на промени.

Рече дека сите демократии се „работа во тек, вклучително и внатрешноста на ЕУ, изградена врз ветувањето за единство во различноста“ и додаде дека сепак ова ветување не е целосно постигнато.

Говореше за четири приоритети на кои е потребно фокусирање: новите закани, повеќекратните кризи, обидите за нови граници и идните генерации.

За новите закани рече дека „воените бродови и војниците повеќе не се единственото оружје во рацете на странските автократи“, туку и дезинформациите, како и сајбер нападите, што „исто така се дел од нивната војна против демократијата“.

Во однос на повеќекратните кризи, потсети на пандемијата, на здравствената криза и успешната набавка на вакцини, се осврна на реакцијата на Унијата „со брзина на светлината на рускиот напад против Украина, со најголемиот пакет санкции во историјата“ и порача дека „демократиите можат да постигнат резултат ако дејствуваме обединето“.

-Нападот на Путин против Украина е обид да се смени текот на историјата и да се запре долгиот пат на демократијата, истакна претседателката на ЕК објаснувајќи го третиот приоритет и додаде дека не се работи само за војната на Русија против Украина, туку и на низа други демократии во светот.

Како четврти приоритет посочи дека „никогаш не треба да заборавиме дека нашите демократии им припаѓаат на идните генерации“.

ИЗВОРНова Македонија
претходниот член,Презентирана студијата „Ставови и перцепции на новинарите за транспарентноста на правосудството“ во издание на ЗНМ
Следната статијаУчениците ќе ги добијат своите учебници до крајот на првото полугодие