Со бојкот, не се бојкотираат Владата или Парламентот, туку се бојкотираат граѓаните и компаниите кои имаат интерес од законските решенија што се носат, изјави вечерва премиерот Димитар Ковачевски по најавите на опозицијата дека од утре ќе ја бојкотира работата на Собранието.

Во Собранието постојат комисии во чија работа учествуваат сите политички партии, односно пратеници. Тоа е местото каде што треба да се отвори дебата по однос на сите законски решенија – рече Ковачевски на гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител“.

За лидерската средба што ја побара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски рече дека таа не била побарана за да се решаваат проблемите во државата, туку да се седне и да се договори датум за предвремени избори. Таквата понуда, според Ковачевски, е неискрен чекор со цел остварување на дневно-политички цели.

Ние веднаш одговоривме, и јас како премиер и СДСМ и другите политички партии во коалицијата, дека во државата имаме комплетно легитимна Влада која успешно се справува со сите предизвици и дека во моментов во едни такви услови најмалку што и е потребно на државата се избори бидејќи знаеме дека изборите се период кога комплетно замира економската активност, кога практично сите процеси се насочуваат кон организирање избори и тоа би бил уште еден товар врз македонската економија – смета Ковачевски.

Повтори дека избори ќе има во 2024 година, прво претседателски, па парламентарни, во својот редовен термин.

ИЗВОРНова Македонија
претходниот член,Практични совети за сите кои користат течен детергент за перење на алишта
Следната статијаСкоро 25% од вработените во Германија работат од дома

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде