Премиерката Ана Брнабиќ најави дека од денес граѓаните ќе можат да се пријавуваат на системот преку кој ќе можат да ја изразат својата желба за вакцинирање.

Овој систем е воспоставен во соработка со Канцеларијата за информатичка технологија и е-влада.

Од четврток тоа ќе можат да го сторат преку контакт центарот. Тие исто така ќе имаат можност да кажат дали сакаат да се вакцинираат со било која вакцина што е одобрена или дали сакаат да се вакцинираат со одредена вакцина, за да можеме да испланираме понатамошни потреби во системот и да ги вклучиме сите тие бројки во планот за масовна вакцинација – објасни Брнабиќ.

Најголем дел од граѓаните ќе се вакцинираат со руската вакцина „Спутник V“ бидејќи русите одобрија дури 500.000 дози на вакцина за Србија за разлика од „Фајзер“ кој одобри нешто повеќе од 18.000 дози на вакцини. Покрај руската и британската граѓаните на Србија ќе се вакцинираат и со кинеската вакцина против ковид19 бидејќи владата на Кина неодамна донесе одлука за извоз на вакцини кон Србија.