Алармантни вести доаѓаат од во главниот град на Србија, Белград, чии граѓани веќе подолг период го дишат најзагадениот воздух во светот, а нивото на загаденост се карактеризира како опасно по здравјето на жителите. Различни апликации покажуваат дека Белград, главниот град на Србија, веќе еден месец е на врвот на листата на презагадени градови, а на преминот од есен во зима, социјалните мрежи во Србија се преплавени со фотографии од смог, чад и магла.

Во средата, на пример, во 11.15 часот, индексот на загаденост на воздухот во Белград, според веб-страницата IQair, беше 171, со концентрација на ПМ 2,5 од 94 µg/m3, што е речиси 19 пати повисоко од препораките на Светската здравствена организација (СЗО).

Засега не се наведуваат мерки со кои би се намалила загаденоста, но се потсетува дека Белград и минатата година неколкупати беше најзагаден град во светот.
За да им помогне на граѓаните да се заштитат од загадениот воздух, веб-страницата IQair советува:

Не излегувајте од дома, а доколку морате, не излегувајте надвор без заштитна маска. Сите прозорци треба да се затворат за да не влегува загадениот воздух внатре. Треба да вклучите и прочистувачи на воздух и да ги избегнувате сите физички активности надвор од домот.

Според податоците на Агенцијата за заштита на животната средина, за загадувањето на воздухот најмногу придонесуваат малите индивидуални согорувачки постројки и топланите, индустријата, а се разбира тука е и патниот сообраќај.