Со цел да одговори на најновите рестрикции за патување воведени поради ковид-19 од страна на земјите од ЕУ/Шенген зоната, ТАВ Македонија, заедно со генетската лабораторијата при клиниката „Жан Митрев“ креираа решение за правење брзи антиген тестови непосредно пред заминувањето на патникот.

Почнувајќи од неделата, амбулантно возило за тестирање на клиничката болница е распоредено пред терминалната зграда на Меѓународниот Аеродром Скопје, во близина на единствениот отворен влез за патници „Ц“, каде што патниците можат да го извршат потребниот брз антиген тест и да го добијат резултатот за 15 до 20 минути од земањето примерок.

Медицинското возило за тестирање на „Жан Митрев” лабораторијата за генетика и персонализирана медицина и Центарот за истражување применета микробиологија и биотехнологија, ќе биде присутно на Меѓународниот Аеродром Скопје секој ден кога има летови до државите кои бараат брз антиген тест, четири часа пред времето на полетување до секоја од дестинациите.