Министерството за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи ги информира граѓаните дека од денеска, 17 декември 2025 година, ќе биде отворен посебен шалтер поврзан со системот Безбеден град, наменет за ажурирање на контакт-податоците доставени при регистрација на возилата.

Шалтерот ќе се наоѓа во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ во Скопје (приземје) и ќе работи секој работен ден од 08:00 до 17:00 часот. Таму граѓаните ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците доколку има настаната промена или ако имаат добиено известување со неточни информации.

„Граѓаните ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци“, се наведува во соопштението.

Од МВР информираат дека истата постапка ќе може да се изврши и во станиците за технички преглед на возила низ државата, каде што е распореден деташиран референт на МВР.

Дополнително, за сите нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, граѓаните ќе можат да достават писмени забелешки и по електронска пошта на bezbedengrad@moi.gov.mk.

„Сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните“, соопштуваат од МВР.