Вчера ми умре папагалчето. Малиот Коко (тоа му е лично име изведено од општото) ме напушти. Забележав промени во неговото однесување уште утрото, ама не ги сфаќав сериозно. Малку пред да се стемни, се приближив сосема случајно да ги проверам моите два папагали во каква состојба се, да не им треба нешто.

Го видов малото тигриче како беспомошно лежи на дното од кафезот. Прво мислев дека заспало така, но ми стана чудно бидејќи скоро никогаш не сум го видела на дното од кафезот. Неговото вообичаено место беше лулашката. Бргу потоа сфатив дека умрел и кога се соочив со неговата смрт, тогаш ми се деси шокот.

Прво почнав да викам, па неартикулирано да плачам, па добив хипертензија и многу други состојби ми се испомешаат во свеста.

Кога ќе се соочи со смртта на некој драг, човек е секогаш во дилема, дали да продолжи или да застане во времето пред смртта. Тоа е механизам на одбрана на егото и Ана Фројд зборува за тоа.

Имав долга ноќ, што поради тагата од загубата на папагалот, што поради повторното соочување со конечноста на животот. Како и да е решив да пресечам, да ги препишам сите несреќи на денот – петок 13 за кои се врзуваат најмногу суеверија и да го исфрлам сето зло заедно со прешкртување на тој датум на календарот.

Но утрово, по стара добра рутина, пријдов до кафезот на папагалите да ги исчистам и да им ја сменам храна и водата. Кафезот на умрениот папагал стоеше празен. Долго време размислував дали да го фрлам или да го оставам. Ама сепак решив да го исчистам и да го оставам така празен, да потсетува на душата на папагалот.

Прашање е дали животните имаат душа. Ама прашање е и дали човекот ја има. Ако луѓето одлучиле да веруваат во задгробни животи и бесконечност на човечките души, зошто па да не одлучам да верувам во задгробноста на животинските души.

Секако само верување е во прашање и никој нема да ми бара докази, ниту може тоа да го третира како тврдење.

Одлучив дури и да му организирам погреб. Вистински погреб, како што доликува да се испрати една душа. Секако подобро ми е така, одошто да го оставам во канта да му скапуваат убавите пердуви.

Се сеќавав на последните наши денови, кога последен пат пред смртта пропеал, дали се разделивме во добро или во лошо, оти често знам да ги искарам ако не ме оставаат да спијам и црцорат долго. Па размислував што можев да направам да го спречам неговото умирање, истражував за можните причини за смрт. Најмногу сакав да поверувам дека умрел од старост, ама кој знае, можеби имам и јас вина, можеби не сум купила соодветна храна или не сум му обезбедила доволно услови.

Како и да е, смртта на моето милениче силно ме погоди, ми го трогна постоењето, ми ја распарча душата, ме промени суштински.

Колку и да го разбирам концептот на смртта, колку и да разбирам дека секој од нас еден ден ќе се збогува со животот и од него ќе остане само леш што ќе е храна за бактерии, не е лесно да се прифати загубата.

Кој знае уште колку смртни случаи ќе видам во животот што ќе ме трогнат, пред да ја дочекам својата.