Луѓето кои внесуваат повеќе млечни масти, според новото истражување, имаат помал ризик од кардиоваскуларни болести од оние кои внесуваат малку.

Меѓународен тим на научници ја проучувал потрошувачката на 4.150 испитаници на возраст од 60 години во Шведска, земја со едно од највисоките нивоа на производство и потрошувачка на млечни производи во светот, со мерење на нивоата на одредени масни киселини во крвта, кои главно се наоѓаат во млечна храна, пишува avaz.ba.

Експертите потоа ја следеле групата во просек 16 години за да забележат колку од нив имале срцеви, церебрални и други сериозни циркулаторни последици, а колку од нив починале.

По статистичкото прилагодување за другите познати фактори на ризик за кардиоваскуларни болести, истражувачите открија дека оние со високо ниво на масни киселини, што укажува на висок внес на млечни масти, имаат најмал ризик од кардиоваскуларни болести.

Тимот потоа ги потврди овие наоди кај други популации откако ги комбинираше шведските резултати со 17 други студии во кои беа вклучени речиси 43.000 луѓе од Соединетите Американски Држави, Данска и Обединетото Кралство.