Во Македонија свекрвата е институција, младите луѓе во просек се отселуваат на 30 години од дома, голем број млади остануваат да живеат со родителите и по склучување на бракови, во рамките на едно домаќинство главниот збор секогаш го има најстариот.

Ова се само дел од феномените преку кои георнтогратија се покажува на виделина. Старите лица се грижат за очувавање на домаќинската традиција, директно се вклучени во воспитување и одгледување на децата, а скоро секој пензионер и по пензионирањето претставува активен снабдувач на средства во целокупниот домашен буџет.

Сигурно често сте го слушнале зборот дека „Снаата треба да се прилагодува на свекрвата“ и да ги „Учи од неа сите домаќински работи, а да ги заборави оние на кои ја научила мајка и во претходното домаќинство“. Главата на куќтата е секогаш најстариот обично машки член. Бадниковата погача ја дели главата на домаќинството, на секоја домашна слава тој седи во „чело“ на масата.

Сите овие визуелни симболи, ја одредуваат местоположбата на старите лица во семејството и домаќинството. Старите лица губат авторитет во домаќинството дури кога ќе остарат многу и ќе станат лица зависни од туѓа грижа. Се додека се работоактивни и работоспособни, тие се филтерот на одлуките во домаќинството.

Но не само во семејствата и домаќинствата, старите лица се важен конститутивен дел и од работната средина.

Вчера дојде во фирмава

Да се биде на иста позиција во една фирма повеќе од една година за секој нормален не е за пофалба, но за геронтократите е престиж. Доколку еден млад и амбициозен човек дојде да работи на иста позиција како повозрасниот колега во фирмата, ќе наиде на истиот однос како снаата кај свекрвата.

Што и да направите е погрешно, дури и да ги дава истите резултати, постои точно утврдена метода што ја користат вашите повозрасни колеги и секое наоѓање нови методи значи погрешен пристап кон работата.

Во суштина повозрасните колеги сметаат дека нивната позиција во фирмата е темелна иако од страна на раководството повеќе се гледаат како инвентар во фирмата одошто како реална движечка сила.

Најголем број од фирмите во Македонија не можат да се изборат со регресивните сили во рамките на меѓучовечките односи и токму затоа тешко ги прифаќаат промените.

Меѓучовечките односи се фиксни 

Меѓучовечките односи конституирани на овој начин се фиксни, а на младите им останува или да се прилагодат или да си заминат од дома или од работа.

На тој начин младите се во постојана потрага по сопственото место во општеството, семејствата и домаќинствата пропаѓаат, а фирмите постојано се во потрага по нови вработени. Еден дел од фирмите е инвентар и еден дел вработени кои во фирмата не се задржуваат подолго од 2-3 месеци.

Односот на повозрасните членови е авторитарен и во моментот кога сакате да го направите демократски добивате отпор под изговор дека им ја загрозувате нивната заслужена позиција или ги дискриминирате.

Автор: Магдалена Стојмановиќ