Од почетокот на пандемијата на коронавирусот до денес, научниците откриле инфекција со ковид-19 кај 29 животински видови, вклучувајќи мачки, кучиња, творови, елени, хрчаци, тигри, глувци, дабари… Во повеќето случаи, не е докажано дека животните можат да го пренесат вирусот на луѓето, но во најмалку два случаи животни заразиле луѓе, пренесуваат светските медиуми.

Куна пренела вирус на луѓе, а новата канадска студија открива случај на инфекција на човек по „близок контакт“ со белоопашест елен. Добрата вест е што за сите варијанти на вирусот, вакцините сè уште се добра заштита од потешките форми на болеста. Загрижувачка е можноста, дека со ширењето на вирусот на други животни, да се развијат мутации кои би ги направат вакцините помалку ефикасни.

Како се открива коронавирусот кај животните?

Кога станува збор за елените, научниците најчесто тестираат животни кои биле убиени во лов или во сообраќајни несреќи. Со домашните животни и животните од зоолошките градини, тестирањето се спроведува на ист начин како и кај луѓето. Примерок од земен брис може да се тестира на ист начин како и кај луѓето – користејќи лабораториски метод наречен полимеразна верижна реакција (ПЦР).

Постапката за тестирање може да варира од еден животински вид до друг. Кај дивите животни во зоолошките градини, ветеринарите претходно ги успиваат животните пред да земат брис.

Американската ветеринарна асоцијација во моментов не препорачува рутинско тестирање на домашни миленици бидејќи тие не се подложни на чести човечки инфекции и не играат голема улога во ширењето на вирусот на луѓето. Тестирањето треба да се спроведува само кога животното покажува симптоми кои укажуваат на ковид или било во близок контакт со заразен човек, велат од здружението.

Дали треба да нѐ загрижува ковидот кај животните?

Секој пат кога вирусот создава своја копија во нов домаќин, тој прави неколку случајни грешки во својот генетски код – кои се нарекуваат мутации. Повеќето мутации немаат ефект врз однесувањето на вирусот или го прават помалку опасен. Меѓутоа, понекогаш мутациите ја подобруваат способноста на вирусот да се шири на други клетки и последователно го олеснуваат преносот на инфекцијата на други домаќини. Со правилна комбинација на својства, вирусот може да се пренесе од еден вид на друг.

Помали се шансите за контрола и следење на вирусот кај животинските видови, особено во дивината. Вирусот можеби веќе се развива кај некои домаќини, но сè уште не знаеме ништо за тоа – вели Еман Анис, доцент по микробиологија на Катедрата за ветеринарна медицина на Универзитетот во Пенсилванија.

Кај заразените елени што ги проучуваат во новото канадско истражување, коронавирусот развил десетици мутации кои не се пронајдени кај други видови. Со други зборови, во семејното стебло на вирусот, овој род формира своја гранка, што укажува на тоа дека кај елените вирусот циркулира некое време и создава нови мутации без научниците да знаат за тоа.