Секој што има профил на социјалните мрежи е инволвиран во создавање на посебни содржини наменети за социјалната мрежа или е реципиент на голем број содржини кои му се пласираат. Социјалните мрежи освен што го сменија начинот на комуникација, тие ја сменија и нашата перцепција. 

Содржините на социјалните мрежи треба да инкорпорираат две карактеристики: ударност и кусост. Ударноста и кусоста не се однесуваат на техника на пренесување порака со значење во мал простор, туку предизвикување на што е можно повеќе и поинтензивни реакции со малку материјал. Содржините на социјалните мрежи не служат да пренесат порака, туку да предизвикаат реакција.

Реакциите кои ги покажуваме на социјалните мрежи ги евалуираат содржините, а нашите реакции на кратки содржини кои го ловат нашето внимание го зголемуваат афектното или емоционалното однесување. Од таа причина на социјалните мрежи можете да сретнете најмногу срциња, реакција на лутина, излив на бес или говор на омраза. Луѓето психолошки се подведуваат под влијанието што содржините во формат на социјалните мрежи го имаат.

Што е контентофобија?

Контентофобија се однесува на негативна страна што ја имаат социјалните мрежи врз психичкото здравје на луѓето. Една информација, денеска, благодарение на социјалните мрежи многу бргу се шири. Така можете полесно да дознаете дека се случил терористички напад во САД, а да ги занемарите проблемите на локално ниво или воопшто да не сте информирани за нив.

Покрај ригидната поделба на локалното и глобално на социјалните мрежи, корисниците на социјалните мрежи се однесуваат како медиум кој треба што е можно поверодостојно да ја пренесе содржината или сведоштвото. На социјалните мрежи можете да видите нецензурирани видеа, или опис на настани кои се застрашувачки на натуралистички начин без да се води сметка за етичките стандарди кои медиумите и новинарството како професија ги подразбираат.

Од пласирање на вознемирувачки содржини на социјалните мрежи со тек на време кај поединците се создава еден вид на фобија, на што може да наидат доколку влезат на својот профил на социјалните мрежи. Профилите на социјалните мрежи ретко се гасат, бидејќи исклученоста од социјалните мрежи содава исклученост и во информациска и во социјална смисла. Ако не сте во тек со тоа што е актуелно за поголем број луѓе, голема е веројатноста дека ќе бидете исклучени од социјалните контакти или во најмала рака ќе делувате „неупатено“ што е „грев на 21 век“, односно во информациската ера.

Како да се справиме со контентофобија?

Контентофобијата не е поединечен проблем и токму поради тоа таа и не смее да се решава на каучот на вашиот психолог. Поради масовната употреба на социјалните мрежи таа станува проблем на глобалната популација, што значи дека треба да се бара општ и системски пристап за решавање на овој проблем.

Најголемиот проблем со социјалните мрежи е отсуството на регулативи кои може да се применат за еваулација на содржините кои се пласираат. И покрај тоа што проблематичните содржини може да ги пријавите во Управата на социјалната мрежа, во најголем број од случаи Управата не е презема ништо околу спорната содржина или презема акција тогаш кога е веќе доцна и кога видеото станало доволно вирално, споделувано и достапно за секој во неговата лична архива.

Социјалните мрежи немаат превентивен механизам кој ќе направи проценка дали содржините се плаузибилни и етички или ги кршат стандардите на заедницата, Човековите права и здравиот разум. Тие го супстиутиураат местото на медиумите и луѓето веќе немаат претстава зошто би требале да се информираат преку професионален медиум, кога на социјалните мрежи имаат се и згора на тоа поголема слобода да се изразат и да реагираат на пласираните содржини.

Рецепиентите на содржини (сите ние) немаме претстава дека преголемата слобода создава голем број проблематични содржини кои понатаму може негативно да влијаат и врз заедницата и врз поединецот. Регулативите се тука да обезбедат проверени информации, споделени и пласирани на одговарачки начин со што ќе се води сметка за душевната состојба на актерот во содржината, но и на рецепиентот на медиумската содржина.

За дел од медиумската популација регулативите се наметнати форми на цензурирање. Злоупотребата на регулативите не е редок случај, но не смееме да ја занемариме примарната и најважната функција на регулативите. Како што постојат за медиумите, така треба да постојат и за социјалните мрежи.

Ако до пред две децении ТВ уредите беа главното собиралиште на едно семејство па и соседство, денеска секоја има свој лаптоп, таблет или мобилен на кој самостојно може да следи содржини и да ги пласира. Секому негов телефон ги создаде опасностите со содржините да се справуваме сами без никаков надзор, помош или поддршка.
Националните закони наспроти глобалните трендови 

Дали националните закони може да спречат диво ширење на содржини кои се неетички и грубо ги кршат правата на поединецот? Секако дека националните закони не се решение бидејќи тие може да предизвикаат изолација на граѓаните во однос на остатокот од светот во време во кое интегрираноста на државите е од високо значење.

Во Македонија имаше само еден случај во кој националната влада инсистираше на решавање на спорна содржина што се ширеше на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, со тоа што беа испратени дописи до Управата на Телеграм во кои се навести дека доколку спорната група не биде отстранета, Телеграм ќе биде забранета мрежа во Македонија. Но случаи како „Јавна соба“ злоупотреба на лични податоци, неетичко известување, нелиценцирани видеа, кражба на авторски права и слично. се груби кршења на Човековите права на социјалните мрежи кои се бројат во милиони на дневно ниво. И во тој случај националните влади дури и во присуство на легислатива не можат да направат многу.

Меѓународен правен акт со кој би се прпедвидело регулирање на содржините на социјалните мрежи е почеток на решение, но за негово имплементирање, потпишување и ратификација од страна на националните влади е потребна долга процедура чие траење може да се брои во децении. Во секој случај, социјалните мрежи се простор од каде засега демнее најголема опасност и најголемо загрозување на безбедноста.

Доколку не се стави крај на дивите содржини кои испливуваат на социјалните мрежи, освен контентофобија, листата на психолошки проблеми и заболување ќе се шири постојано, а социјалните контакти ќе се модифицираат во насока на нивно разорување, конфликтност и зголемено ниво на афектност.

*Содржините не се дозволени за преземање без претходна согласност на авторот и редакција

 

Автор: Магдалена Стојмановиќ